Романија ја одложи одлуката за легализирање на истополовите бракови во земјата

romania_assaults

Романија го одложи носењето на одлуката дали да се легализираат истополовите бракови во земјата. Уставниот суд треба да одговори дали ја признае истополовата брачна заедница на лица кои се венчале во САД. Доколку судот го признае ваквиот брак, тоа ќе претставува легализирање на истополовите бракови во Романија.

Претседателот на романскиот Уставен суд, Валер Дорнеану рече дека на судиите им е потребно повеќе време и информации и исто така побараа двојката уште еднаш да се појави пред судот и да го презентира својот случај.

– Случајот носи и отвора една нова и комплексна тема во романското општество – рече Дорнеану.

Претседателот на романската организација за ЛГБТИ права „Мозаик“ , Влад Виски смета дека судот со одложување на одлуката за истополовите бракови во Романија ја пролонгира неправдата кон ЛГБТИ заедницата

– Сепак, имајќи предвид дека толку долго се борат за еднакви права, ЛГБТИ лицата знаат да бидат трпеливи, се додека знаат дека нивниот глас ќе биде слушнат. Истовремено, ова покажува дека уставните судии екстремно внимателно го разгледуваат случајот со истополовиот брак, бидејќи знаат какви импликации ќе има врз демократијата во Романија. Човековите права и заштитата на малцинствата се фундаментални принципи на секоја демократија – вели Виски.

Правните експерти сметаат дека романскиот Уставен суд целосно ќе го отфрли истополовиот брак. Но додаваат дека ваквото одложување ќе им помогне на организациите за човекови права позитивно да влијаат на јавноста и да ги промовираат ЛГБТИ правата.

Случај се најде пред Уставниот суд во период кога Романската православна црква води кампања да се забранат истополовите бракови и откако три милиони лица, односно 15 отсто од целата популација во Романија потпиша петиција бракот да се дефинира како заедница меѓу маж и жена.