Транс лицата во Франција ќе можат законски да го сменат името и родот без медицински третман

LGBT trans Francija

Франција воведе нова постапка за правно признавање на родот со што им се овозможи на трансродовите лица кои не минале низ стерилизација и медицинска процедура правно да го сменат името и родот.

Во средата, францускиот парламент го изгласа Законот за правда на 21 век, во кој се вклучени одредби во врска со законското признавање на родот.

Со изменетиот процес, транс лицата веќе не мора задолжително да бидат стерилизирани пред законски да им се признае нивниот вистински род. Лицата нема да имаат обврска да обезбедат доказ за медицински третман. Малолетните лица исто така ќе ја имаат истата можност, особено што се смета дека се доволно свесни и зрели да носат одлуки за својата иднина, соопшти ИЛГА-Европа.

Сепак, ревидираното законодавство се уште има неколку ограничувања. На пример, транс поединецот се уште ќе мора да се појави на суд за неговиот род да биде правно признаен, бидејќи постапка не се базира на самоопределување.
Евелин Парадис, извршен директор на ИЛГА-Европа, им честиташе на транс-заедницата во земјата.

– Честитки до целата транс-заедницата во Франција и активистите кои ја наметнаа оваа длабока промена! Ова е знак на јасен напредок – уште една европска земја расчисти со срамната практика на стерилизација и медицински зафати – изјази Парадис.

Сепак таа изрази жалење што Франција не целосно го следела примерот на земјите од регионот, како што се Данска, Малта, Ирска и Норвешка кои отидоа чекор подалеку и овозможија лицата без судски процедури и посебни медицински третмани да го сменат родот. Во Норвешка тоа може да се направи дури и преку интернет.

Парадис сепак истакна дека борбата за правата на транс лицата продолжува.