Организацијата за еднакви права „ILGA-Europe“ годинешната дводневна конференција на Кипар, која почна вчера, ја одржува под мотото „Моќта на народот – славење 20 години внатрешна сила“. На конференцијата учествуваат еминентни говорници ширум светот, а во рамките на неа ќе се одржат бројни работилници посветени на прашањата од ЛГБТИ-заедницата.
„Ако погледнеме наназад, во изминатите две декади, неоспорно е дека ЛГБТ движењето има многу, многу постигнато. Направени се многу важни законски, политики и социјални промени низ Европа кои се однесуваат на ЛГБТИ-лицата, а за кои во 1996 година можеше само да се сонува“, велат од „ILGA-Europe“.
Сепак, од организацијата велат дека ако се погледне актуелната политичка и социјална позадина, постојат причини поради кои не треба да се слави, како на пример поради односот кон азилантите, пристрасните говори полни со говор на омраза и популизам, загрозувањето на човековите права.
„Во изминатите две децении, ЛГБТИ-движењето стана движечка сила за промени во општествата, преку презентирање на голема моќ на приспособување на условите и соодветно дејствување во тешките моменти, како и преку развивање креативни стратегии. Постојано користевме различни алатки и методи за да изградиме доверба кај другите сили во општеството, со цел да ја добиеме нивната поддршка. Успеавме да совладаме препреки и предизвици за кои не ни можевме да сонуваме. Се мобилизираме во се поголем број и со се поголем интензитет од кога и да е“, велат од „ILGA-Europe“.
Конференција истовремено ќе послужи за да се протурка законското признавање на родот на Кипар, да се покрене прашањето за важноста за спречување на фобијата кон геј, би и транс-лицата, како и да се истакне важноста за целосно признавање на правата на сите членови во семејството на виножитото. Учесниците исто така ќе разговараат за тоа во какво општество сакаат да живеат, што и моќта на народот и што тоа значи за ЛГБТИ-движњето, како таа сила да се искористи за доброто на лицата од заедницата, а не за само дел од нив, како да се создадат нови сојузи во борбата против апатијата и амбивалентноста кон човековите права.
„Мора да посочиме дека во промените не секогаш се позитивни и насочени кон еднаквоста. Во неколку земји, референдумите беа искористени за да се оспорат ЛГБТИ правата и да воведат дискриминаторски мерки“ велат од организацијата и порачаа дека ЛГБТИ-заедницата треба да се обедини на европско ниво за да може посоодветно да дејствува.