ЛГБТ-лицата се 5,9 отсто од популацијата на ЕУ

Во Европската Унија 5,9 отсто од лицата се изјасниле како геј, лезбејки, бисексуални или трансродни лица (ЛГБТ), покажа последното истражување.

На прашањето да ја дефинираат својата сексуалност, избирајќи една од можностите – само хетеросексуална, претежно хетеросексуална, подеднакво хетеросексуална и хомосексуална, претежно хомосексуална, само хомосексуална и асексуална, 10 отсто се идентификувале во некоја од другите категории, освен во хетеросексуалната. Тоа значи дека 4,1 отсто од испитаниците не се смета ни за ЛГБТ, ни за хетеросексуалени.

Покрај тоа, уште 12 отсто од 11.000 анкетирани лица од 28 земји-членки на ЕУ не сакале да одговорат на ова прашање.

lgbti2

Според анкетата, најмногу припадници на ЛГБТ-заедницата има во Германија, односно 7,4 отсто од анкетираните рекле дека имаат ЛГБТ-идентитет, а најмалку во Унгарија, каде својата сексуалност ја признале само 1,5 отсто од испитаниците.

Големи разлики има и кога станува збор за староста на испитаниците, па така како лица со некој друг идентитет освен хетеросексуален се изјасниле 16 отсто од Европејците на возраст од 14 до 29 години и само 7,5 отсто на возраст од 30 до 65 години. Истражувањето покажало дека разликата во однос на старосната група е посебно воочлива во Шпанија, каде како ЛГБТ се идентификуваат 14 отсто од лицата помлади од 30 години и само 1,8 отсто на возраст од 50 до 65 години.

Анкетата покажала дека жените многу почесто се изјаснувале како припадници на ЛГБТ-заедницата отколку мажите. Вкупниот јаз меѓу мажите и жените е мал, но разликите од членка до членка се големи, па така во Велика Британија е ист процентот на мажи и жени кои се изјаснуваат како ЛГБТ (шест отсто), а во Холандија само 2,5 отсто од мажите и повеќе од 10 отсто од жените.

ukr_lgbtРезултатите од истражувањето на германската агенција „Далиа рисрч“ укажува дека ЛГБТ-популација е значително поголема отколку што се прикажува во националните истражувања. Така, според податоците на британската статистичка служба, ЛГБ-заедницата (без трансродните лица) во Британија во 2015 година претставувала 1,7 отсто од вкупната популација. Истовремено, според истражувањето на „Далиа рисрч“, од 1.104 испитани Британци, 6,5 отсто се идентификувале како ЛГБ.

Оваа разлика делумно ја објаснува резервираноста, како што се наведува во истражувањето, по која Британците се познати. Исто така уделот на Британците кои не сакале да одговорат на ова прашање во кое се нудат разни опции е голем.

Германската агенција вели дека разликата доаѓа и од тоа што испитаниците анонимно ги одговарале прашањата преку мобилни апликации, па можеби затоа се чувствувале послободно во споредба кога одговараат на друг начин.

„Големината на ЛГБТ-заедницата е особено тешко да се измери“, заклучила агенцијата „Далиа рисрч“.