Норвешка стана првата земја во светот која бесплатно го нуди лекот „трувада“

prep truvada

Норвешка стана првата земја во светот која во својот национален здравствен систем го понуди лекот преекспозициона профилакса (PrEP), односно „трувада“, соопшти норвешкиот министер за здравство и социјална грижа Бент Хоеие.

Лекот „трувада“ го намалува ризикот од заразување со вирусот ХИВ за повеќе од 86 отсто, поради што здравствените претставници ширум светот се борат за поголема пристапност до лекот за лицата кои имаат поголем ризик да се заразат со вирусот ХИВ, меѓу кои и геј популацијата.

Невладината норвешка организација „ХИВ Норвеј“ неколку години наназад водеше кампања за воведувањето на „трувада“ во здравствениот систем.

– „Трувада“ ќе придонесе за намалување на стапката на новоинфицирани во геј заедницата, особено што геј мажите имаат зголемен ризик да се заразат во споредба со останатата популација. Опаѓа употребата на кондоми, па сега сме среќни што „трувада“ е интегриран дел од јавното здравство – изјави директорот на „ХИВ Норвеј“, Лиеф-Ове Хансен.

Се претпоставува дека во Норвешка, во која живеат пет милиони лица, има околу 4.000 заразени со вирусот ХИВ.

Лекот „трувада“ веќе е достапен во САД, Канада, Јужна Африка и во Франција, но не е на позитивната листа на здравствените фондови на земјите. Сега, Норвешка стана прва земја која бесплатно ќе го нуди преку својот национален здравствен систем.

Одлуката на Норвешка беше поздравена и од други организации во Европа кои се борат лекот да влезе во здравствениот систем на нивните земји. Тие оценуваат дека одлуката на Норвешка е голем чекор во превенцијата од вирусот ХИВ во Европа, особено што лекот, во комбинација со кондоми и редовни тестирања, како што велат, може да стави крај на епидемијата на вирусот ХИВ.