Стотици активисти за ЛГБТ-права со тапани во неделата маршираа по улиците на Њу Делхи за да ја прослават својата сексуалност, но и за да го свртат вниманието кон постојаната дискриминација на ЛГБТ-заедницата во Индија.
Некои од учесниците на годинешната Парада на гордоста велат дека деветтиот настан бил поинаков од претходните маршови, затоа што се поголем е бројот на луѓето кои ги прифаќаат ЛГБТ-лицата. Сепак, некои од учесниците сметаат дека десничарската влада се обидува да им ги скрати стекнатите права.
Активистите бараат да се укине неодамна обновениот закон за криминализација на хомосексуалноста.
Во 2009 година, активистите славеа по улиците на Њу Делхи откако Вишиот суд го прогласи членот 377 од Кривичниот закон за неуставен. Членот против содомија, кој е од колонијалната ера, не е прецизен и честопати се интерпретира како криминализација на разни хомосексуални акти. Овој член е дел од закониците на десетици британски колонии и се уште постои во 42 од 52 нации од Комонвелтот.
Сепак, во 2013 година Врховниот суд одлучи дека отфрлањето на членот 377 треба да му препушти на Парламентот, а не на судскиот систем.
– Има многу промени, но исто така и чекори кои не враќаат назад – вели Суарав Јаин, 33-годишен архитект кој учествуваше на парадата.
Активистката Ритупарна Борах, не е оптимист. Таа вели дека Хинду владата на премиерот Нарендра Моди не ги поддржува ЛГБТ-правата.
– Се уште нема инклузивност во општеството – вели Борах.
Во изминатата декада, ЛГБТ-лицата стекнаа некаков вид на прифатеност во Индија, особено во големите градови, каде се отворени геј барови. Дури и Боливуд снимаше филмови на оваа тематика.
Сепак, хомосексуалноста се смета за срамна во поголемиот дел од земјата, па затоа повеќето Индијци ја кријат својата сексуалност или родов идентитет.