Транс-лицата се застрелувани, обезглавувани, па дури и убивани од членови на своето семејство, покажа последниот извештај на проектот „Мониторниг на убиствата на транс-родовите лица“.
За 12 месеци, во периодот од 1 октомври 2015 до 30 септември 2016 година убиени се 295 транс-лица. Триесет од убиените биле на возраст од околу 21 година или помлади, а некои од жртвите имале и само 14 години.
Според податоците на истражувањето, најмногу убиства на транс-лица имало во Бразил, (123) и во Мексико (52), кои се најдоа на врвот на листата каде најмногу се убиваат транс-жените и транс-мажите.
Во САД е забележан благ пад на бројката, односно во 12-месечниот период убиени се 24 лица, што е за три помалку во споредба со претходната година. Во Колумбија и во Венецуела имало по 14 убиства, додека во Европа, најмногу пријавени случаи на убиства на транс-лица има во Италија и Турција, каде се регистрирани по пет вакви случаи.
Сепак постојат многу земји, особено во Африка каде малку се знае за насилството врз транс-лицата. Досега најголемата стапка на убивање на транс-лицата има во земјите со развиени транс-движење, каде и се врши професионално мониторирање.
Сепак, истражувачите велат дека ова е само една страна на проблемот. Тие велат дека медиумите, вклучувајќи ги и светски познатите медиумски организации најчесто погрешно информираат за родот на транс-лицата, а тоа пак не овозможува да се создаде реална претстава за проблемот.
Ко-претседавачот на „Трансџендер Јуроп“, Алек Ричел вели дека особено е важно да се учи од овие статистики.
– Полицијата, судскиот систем, медиумите и пошироката јавност не смеат да го згреши родот или погрешно да известат за смртта на транс-лицата. Барем да не им се уништува достоинството и дигнитетот на жртвите и на оној свет. Наша задача е да работиме на тоа да се спречат ваквите настани и да се подобрат условите за живот на овие лица – вели Ричел.