Скопје, 5 декември 2016
Денеска, амбасадорот на кралството Холандија во Скопје, Неговата Екселенција г-ин Воутер Пломп и заменик-амбасадорот на Франција во Скопје, г-ин Доминик Готје ја отворија Првата национална ЛГБТИ-конференција во Република Македонија која се одржа утринава во Бест Вестерн Хотел Турист во Скопје.
Конференцијата, која имаше за цел да го зајакне политичкиот дијалог на ЛГБТИ-заедницата во Република Македонија, беше место за дебата за политичката вклученост на ЛГБТИ-заедницата во Република Македонија, како и за соработката во унапредувањето на правата и положбата на ЛГБТИ-лицата во земјата. Покрај г-ин Пломп и г-ин Готје, обраќања имаа и претставници од 6 политички партии – СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица, потоа претставници од Министерството за труд и социјална политика, од Секретаријатот за европски прашања и од Народниот правобранител, како и од други актери на граѓанското општество во земјата.
На конференцијата, организирана од страна на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста “Субверзивен фронт”, се презентираа анализата на македонското законодавство во однос на дискриминацијата заснована на сексуална ориентација и родов идентитет, како и предлог-измените и дополнувањата на Кривичниот законик и Законот за спречување и заштита од дискриминација со кои се регулираат злосторството од омраза / говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и сексуални карактеристики. Анализата и предлог-измените беа направени од Субверзивен фронт.
На конференцијата исто така беше промовирана кампањата “Гласај за еднаквост”, која Субверзивен фронт во моментов ја спроведува и која има за цел да ги информира и едуцира гласачите на политичките понуди на партиите во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 година. За потребите на кампањата, Субверзивен фронт ги анализираше програмите на политичките партии и испрати прашалник за политичката вклученост на ЛГБТИ-лицата до 31 политичка партија. Само 5 политички партии – СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица, одговорија на прашалникот.
Анализата на политичките програми и резимето од одговорите на прашалникот покажуваат дека прашањата и потребите на ЛГБТИ-лицата се во многу мала мера вклучени во политичката агенда на партиите и тоа само во лево-ориентираните опозициски партии. Партиите каде што овие прашања се вклучени на највисок степен, имаат помала политичка моќ и влијание. Ова е одраз на доминантните хомофобични и трансфобични ставови и норми кои ги спречуваат политичките партии да покажат отворена и јасна јавна поддршка за проблемите на оваа заедница. Покрај тоа, проблемите и потребите на транс * и интерсексуалните лица не се вклучени во ниедна од политичките агенди на политичките партии, а само Либералната партија одговори позитивно на прашањето дали постои отворено ЛГБТИ-лице во нивната листа на кандидати за претстојните избори.
Ова е втор јавен настан поврзан со ЛГБТИ-заедницата каде што политичкото учество на ЛГБТИ-заедницата во Македонија беше во центарот на вниманието на јавната дискусија. Првиот настан – форумот на граѓанското општество за политичкото учество на ЛГБТИ-заедницата во Македонија, исто во организација на Субверзивен фронт, се одржа во април оваа година. Повеќе информации за овој настан може да се најдат тука.
Првата национална ЛГБТИ-конференција беше организирана во рамките на проектот „Искористување на ЕУ-пристапните процеси за унапредување на ЛГБТ правата во Западен Балкан“ координиран од страна на Саревскиот отворен центар, и финансиски поддржан од Стејт Департментот на САД – Бирото за демократија, човекови права и труд, од Виктори институтот, и од Лабрис.