Припадниците на ЛГБТ заедницата во Србија и понатаму се чувствуваат особено небезбедно, немаат доверба во работата на полицијата и не го познаваат делувањето на војската на Србија, покажа последната анализа за безбедноста на ЛГБТ лицата, која ја изработи Центарот за истражување јавни политики.
Чувството на небезбедност кај ЛГБТ лицата произлегува од уверувањето дека државните институции постапуваат арбитрарно, а не во согласност со законот и дека толерираат висок степен на насилство во општеството, се наведува во истражувањето „Како реформите во секторот за безбедност влијаат врз човековата безбедност во Србија? Повторна процена на влијанието на реформите во секторот за безбедност на ЛГБТ популацијата“.
За разлика од 2011 година, кога Центарот го претстави своето прво истражување, ЛГБТ идентитетот веќе не е дополнителен извор за небезбедност, стои во анализата.
Испитаниците го оцениле делувањето на полицијата како исполитизирано и условено од директните инструкции добиени од клучните носители на одлуките, покажува истражувањето. Сепак и покрај недовербата во работата на полицијата, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека би пријавиле насилство со цел да извршат притисок врз полицијата и обвинителството за да се санкционира насилството, што не било случај во 2011 година.
ЛГБТ лицата, според анализата, сметаат дека во случаи на насилство институциите треба да реагираат професионално и адекватно и недискриминирачки, што значи дека не сакаат и не сметаат дека треба да постојат паралелни мрежи внатре во секторот за безбедност.
Носителите на извршната власт, според анкетираните, мора да испратат јасна порака дека насилството е неприфатливо и казниво и оти на тој начин ќе придонесат за поголема толеранција кон ЛГБТ лицата.
Истражувањето е спроведено во период од јуни до декември, на 13 фокус групи.