Кина: 61 отсто од ЛГБТ лицата сметаат дека лекарите поинаку ќе ги третираат ако им ја соопштат сексуалната ориентација


Шеесет и еден отсто од ЛГБТ лицата во Кина се загрижени дека медицинскиот персонал поинаку би ги третирал поради нивната сексуална ориентација, покажа истражувањето на кинеската невладина организација, „Фондација Љубов без граници“, спроведена на 1.205 членови на ЛГБТ заедницата во 30 кинески провинции

Вкупно 46 отсто од испитаниците велат дека биле третирани поинаку откако на докторот му ја соопштиле својата сексуална ориентација. Имајќи го тоа предвид, не изненадува фактот што 42 отсто од испитаниците рекле дека не би сакале да ја декларираат својата сексуална ориентација или родов идентитет.

Директорот на кинеската канцеларија на Светската програма за борба против СИДА на американскиот Центар за контрола на болести и превенција, Ли Жијун оцени дека е шокиран од резултатите.

Кинескиот сексолог Ли Јинхе оцени дека дискриминацијата на ЛГБТ заедницата во Кина придонесува повеќето припадници јавно да не се декларираат, но и многу геј и лезбејки стапуваат во брак само за да го скријат својот родов идентитет.

Меѓу другите проблеми кои се наведуваат се нееднаквиот пристап до здравствена заштита, поради што ЛГБТ лицата не го пријавуваат домашното насилство, а со тоа се оневозможува и спречувањето на ваквата појава.

Ова е прв здравствен извештај за ЛГБТ заедницата во Кина, кој има за цел да обезбеди еднаква здравствена заштита за сите, преку елиминирање на дискриминацијата на ЛГБТ лицата и на оние кои живеат со ХИВ/СИДА.