Новиот претседател на Европскиот парламент, Тајани, досега редовно гласал против ЛГБТ-прашања

Европратениците синоќа со 351 гласа „за“ го избраа италијанскиот десничар Антонио Тајани за нов претседател на Европскиот парламент.

Шеесет и тригодишниот Тајани е избран во четвртиот и последен круг од гласањето, со просто мнозинство, а неговиот противкандидат и сонародник, социјалистот Џани Питела, освои 282.

Тајани заедно со Питела водеше во сите три круга од претходните гласања, но ниту еден од нив не го доби потребното апсолутно мнозинство. Двајцата, како најдобро рангирани кандидати, влегоа во четвртиот круг од гласањето, во кој новиот претседател е избран со просто мнозинство гласови.

Обраќајќи се пред европските пратеници, Тајани порача дека ќе ги почитува сите политички групи, а својата победа ја посвети на жртвите на катастрофалниот земјотрес што минатата година го погоди централниот дел на Италија, како и на жртвите на тероризмот.

Тајани, заедно со Туск и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, е третиот демохристијанин кој се нашол на една од трите највисоки функции во ЕУ.

Покрај Тајани и Питела, во трка за претседател на ЕП беа и Белгијката Хелга Стивенс, Британката Џин Ламберт, Италијанката Елеонора Форенца и Романецот Лаурентиу Ребега.

Само Тајани и Ребега од кандидатите, за време на своите пратенички мандати редовно гласал против законите со кои се подобруваат правата и положбата на ЛГБТ лицата во Европската Унија. Тие гласал против слобода на движење на ЛГБТ семејствата, против поддршка на широкиот антидискриминаторски закон на ЕУ, во кој е вклучена и сексуалната ориентација, против убедувањето дека во Законот за ЕУ за азил треба посебно внимание да се посвети на проблемите на ЛГБТ лицата кои бараат азил, не ја поддржал инклузијата на родовиот идентитет во антидискриминаторската правна рамка на ЕУ. Единствено гласале „за“ за осуда на смртната казна за хомосексуалците.

Тајани како пратеник побарал од ЕУ да ги заштити правата на родителите да ги едуцираат своите деца согласно сопствените „морални и религиозни вредности“ . Тој смета дека децата на истополовите двојки ќе имаат „сериозни психолошки проблеми и ќе се соочат со големи проблеми за да бидат прифатени како дел од општеството.

Уште пред официјално да биде избран, ЛГБТ организациите во ЕУ го изразија своето незадоволство од можното негово назначување и оценија дека назначувањето на Тајани за претседател на Европскиот парламент ќе биде враќање наназад, наместо ЕУ да продолжи да чекори кон поотворени, еднакви принципи во борбата за човековите права.

Организацијата ИЛГА-ЕВРОПА, пред последното гласање изрази негодување од одлуката на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ) да формира „Проевропска коалиција“ со конзервативната Европска народна партија (ЕПП). Ваквата коалиција, му осигура широка поддршка на десничарскиот кандидат Тајани.

„Постои разлика меѓу ’работење над идеолошките разлики’ за заедничко добро, како што се споменува во договорот меѓу ЕПП и АЛДЕ и правење спогодба која ултимативно е против вредностите и фундаменталните права“, оцени ИЛГА-Европа.

Од организацијата соопштија дека ќе бидат во контакт со АЛДЕ и ЕПП и ќе разговараат како да се врати довербата на ЛГБТ лицата во Европа кои на Европскиот парламент гледаа како на цврст заштитник на принципите за недискриминирање.