Повеќето Германци ги поддржуваат истополовите бракови и се залагаат истополовите двојки да посвојуваат деца. Сепак, новата студија, ја открива нелагодноста која многумина сè уште ја чувствуваат кога станува збор за истополовата љубов.
Хомосексуалците, лезбејките и бисексуалците сè уште се дискриминирани во Германија, иако тоа е категорично забрането со Општиот закон за еднаков третман, вели Кристин Лидерс, германскиот комесар за борба против дискриминацијата. Така, има случаи кога лезбијски пар бил одбиен да изнајми стан од сопственикот на домот; маж добил отказ кога компанијата дознала дела живее со своето момче, геј двојка била исфрлена од хотелско фоаје поради бакнеж… Сите овие луѓе ги пријавиле инцидентите до Комисијата за борба против дискриминацијата.
Такви примери се секојдневни иако според новата студија, големо мнозинство од Германците се изјасниле за целосна еднаквост на хомосексуалните со хетеросексуалните двојки. Дури 95 отсто од граѓаните сметаат дека е добро што ЛГБТ-лицата се законски заштитени од дискриминација, а 83 проценти се залагаат за легализација на истополовите бракови. Три четвртини сметаат дека на истополовите двојки треба да им се овозможи да посвојуваат деца. Истражувањето е спроведено на 2.000 испитаници кон крајот од минатата година.
Во моментов ЛГБТ-лицата во Германија може да ја формализираат својата врската пред матичар, но не и да стапат во брак. Оваа форма на заедница ги има истите обврски како при брак, но има помали права, како, на пример, истополовата двојка не може да посвои дете. Исто така, германскиот Основен закон го признава и го штити само бракот, но не дефинира дека бракот мора да биде само меѓу маж и жена.
Кристине Лидерс го нарекува формализирањето врски „втора класа брак“ и вели дека Германија во оваа област заостанува зад многу европски земји.
– Мислам дека во корист на политичарите ако се отвори бракот за сите, како што за тоа се залага поголем дел од општеството – вели Лидрес.
Сепак, одбивноста сè уште е присутна, па 20 отсто од Германците сметаат дека хомосексуалноста е „неприродна“. Околу 40 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат непријатно кога ќе видат двајца мажи како се бакнуваат, а сличен е и процентот на тие што сметаат дека ќе бидат засрамени ако нивната ќерка е лезбијка или нивниот син е геј. Околу 27 отсто од испитаниците сметаат дека во наставата и во учебниците треба да се зборува само за хетеросексуални двојки.
Според студијата, помалку стереотипи се забележуваат кај помлади и кај подобро образовани лица. Исто така, жените имаат многу попозитивни ставови кон ЛГБТ-лицата. Влијание има религијата, па колку се порелигиозни личностите, толку понегативни ставови имаат, без разлика дали се христијани, муслимани, евреи или хиндуси.
Сепак, се предупредува дека општествената клима, која сè на сè е позитивна, може да се смени во спротивна насока. Според Маркус Улрих, портпарол на Здружението на лезбијки и геј, вели дека со дебатата доминира една мала, но „опасена алијанса на верски фундаменталисти, популистички десничари и анти-феминистички екстремисти“. Тој вели дека влијанието на оваа „алијанса“ може да се зголеми ако оваа година на изборите во Холандија, Франција и во Германија се зајакнат популистичките сили кои шират омраза кон малцинствата.