Полицијата во американскиот град Сиетл стана препознатлива и доби признание за неодамнешниот прогрес во заштитата на ЛГБТ права. Сега оваа полиција го има првиот јавно деклариран трансродов полицаец.
– Полицаец не беше нешто што отсекогаш го посакував. Не знам дали професијата ме избра мене или јас ја избрав неа – вели Тори Њуборн.
Тој открива дека веднаш не им соопштил на своите колеги за неговиот род.
– Долго време криев од моите колеги. Размислував многу на таа тема. Луѓето кога ме гледаат не можат по автоматизам да препознаат дека сум трансродно лице. Многумина и не знаат, ако не им кажам – вели Њуборн.
Тој смета дека тоа му е предност и привилегија.
Њуборн е роден во Јужна Калифорнија, а пред 10 години ја почнал транзицијата со поддршка на своите родители, што исто така го смета за привилегија.
– Не можев да бидам погорд. Мајка ми не можеше да не заплаче. Но плачеше од среќа, секој пат кога телефонски разговаравме, едноставно не можеше да ги сопре солзите – вели низ смеа Њуборн.
Триесет и две годишниот Њуборн им соопштил на своите колеги дури минатата година во мај. Клучен момент за одлуката било видеото кое полицијата во Сиетл го направила за обуката за заштита на трансродовите лица.
– Бев среќен да видам и да чујам дека никој не кажа нешто лошо. Тие не зборуваат во завиткана форма, затоа што не ни знаеја дека во просторијата има трансродово лице. Тоа ме охрабри – вели Њуборн.
Тој вели дека не добил ниту еден негативен коментар, туку напротив луѓето му испраќале честитки и лично му честитале. Веројатно тоа е поради фактот што тој работи во оддел, кој е препознатлив по програмата „Безбедно место“, која има за цел да ги намали криминалните дела против ЛГБТ заедницата.
Геј полицаецот Џим Ритер, кој 30 години работи во полицијата во Сиетл, ја започнал програмата „Безбедно место“.
– Има многу погрешни информации за транслицата. Тоа што Тори зборува за своето искуство демистифицира многу работи за кои луѓето многу малку знаат – вели Ритер.
Њуборн вели дека прифатеноста ја должи на многутемина кои пред него работеле на омекнување погледите на луѓето.
– Имам прекрасна работа во овој одличен оддел. Имам многу пријатели во одделот, а тоа морам да го искористам за да направам добро во светот – вели Њуборн.