Работата со сексуални и родови малцинства и нивните семејства во системот на социјална заштита

На покана од Асоцијацијата “Дуга” од Србија, Антонио Михајлов и Викторија Бондиќова заедно со група на волонтери од Субверзивен Фронт учествуваа на конференцијата “Напредни тренинзи за работа со сексуални и родови малцинства и нивните семејства во системот за социјална заштита”, во организација на Асоцијацијата “Дуга” и Канцеларијата за човекови и права на малцинства на Владата на Република Србија. Конференцијата беше одржана на 10-ти февруари, 2017-та година во Палатата на Србија во Белград, а истата се реализираше како дел од проектот “Создавање толеранција и разбирање кон ЛГБТ популацијата во српското општество”, кој е финансиран од амбасадата на Кралството Норвешка, а реализиран од страна на Канцеларијата за човекови и права на малцинствата на Владата на Република Србија.

© 2017 Vladimir Opsenica

На конференцијата присуствуваа ЛГБТИ активист(к)ите од повеќе невладини организации во регионот, педагози, психолози и социјални работници од центрите за социјална работа во Србија, како и претставници од државните институции во Србија. За време на конференцијата беа дискутирани неколку теми: примери на добра пракса во работата со ЛГБТ лицата и нивните семејства, како и придонесот на спроведените обуки во непосредната работа, резултати од спроведените обуки во системот на социјална заштита и препораки за понатамошна работа, како и перспективи за мултисекторска соработка на локално, регионално и национално ниво. Антонио говореше за соработката на Субверзивен Фронт со Асоцијацијата “Дуга”, важноста на соработката меѓу земјите од регионот за постигнување на целите во насока на подобрување на моменталната ситуација, состојбата во однос на ЛГБТИ правата во Македонија и активностите на Субверзивен Фронт, како и можностите за наредни иницијативи.

© 2017 Vladimir Opsenica

Како резултат на проектот во склоп на Еразмус+ програмата – КА2: “Зајакнување на капацитетите на младинските работници во работа со ЛГБТ+ млади”, на конференцијата беше промовиран прирачникот наменет за младинските работници/чки кои работат со ЛГБТ+ млади. Овој прирачник е креиран за време на обуката одржана во Суботица, Србија, од 7-ми до 15-ти декември заедно со младинските работици/чки од петте земји од Балканот: Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија. Проектот го реализираше Асоцијацијата “Дуга” во соработка со партнерските организации: Субверзивен Фронт од Македонија, Independent – Zenica од Босна и Херцеговина, Bonsai од Хрватска и LGBT Forum Progres од Црна Гора. Главната цел на проектот е зајакнување на соработката меѓу младите од овие пет земји преку неформално образование, за да можат да го зголемат своето знаење и вештини за адекватен и сензибилизиран пристап во работата и поддршката на ЛГБТ+ младите во регионот.