Првата трансродова политичарка на Филипини ќе стане и прво трансродово лице во армијата

Џералдин Роман по втор пат ќе влезе во историјата. Таа минатата година стана првата трансродова политичарка во Парламентот на Филипини, а сега овој пат ќе биде и првото трансродово лице кое ќе се приклучи кон филипинските безбедносни сили.

Роман  од минатата година е членка на Парламентот, а во нејзиниот пратенички мандат се донесе и измената на законот за вооружени сили, со која се овозможи и ЛГБТ лицата да служат војска. Откако измената стапи на сила, таа реши да се приклучи кон безбедносните сили.

– За да ја покажам мојата силна поддршка кон нашиот врховен командант, Родриго Дуерте, ќе се пријавам да станам воен офицер во резервистичките сили и ќе станам првиот трансродов воен офицер на Филипини.  Ова само ќе биде благодарност за поддршката која ја даваат на ЛГБТ заедницата, но истовремено и доказ дека и ние имаме осет за дисциплина, воен професионализам и дека подеднакво ја сакаме земјата, која ја бранат и мажи и жени во униформи – рече Роман, додавајќи дека е пресреќна што промените кои ги ветил Дуерте навистина се реализираат.

Армијата на Филипини соопшти дека ја поддржува апликацијата на Роман и додаде дека не дискриминираат врз основа на род или пол и оти сите членови на војската треба да ги почитуваат своите обврски.

– Армијата на Филипини ја поздравува заинтересираноста на пратеничката Роман. Високо го цениме патриотизмот на нашите граѓани и ќе продолжиме да го гаиме. Таа ќе биде добродојдена во резервните сили. Ние ги учиме како да го зачуваат достоинството на униформата, да бидат дисциплинирани, да бидат коректни и пристојни, да се биде на ниво на стандардите на војската. Во спротивно нема место за нив во чесната професија на армијата“, стои во соопштението.