Професорка по биологија им одржа лекција на трансфобичните лица

Американска професорка по биологија совршено одговори на вирално трансфобично меме, во кое трансродовите лица се етикетираат како лица со „психолошко нарушување“.

Грејс Покела, предава биологија во средното училиште „Арлингтон“ во Лагранџивил, во Њујорк и себеси се идентификува како геј. Кога го видела мемето, таа одлучила да го примени своето знаење од областа на биологијата и да напише одговор.

„Пред сè, кај сексуалните видови, може да имате женки кои се XX и мажјаци кои се Х (инсекти). Можете да имате женки кои се женки затоа што се развиле во топла средина и мажјаци кои се мажјаци затоа што се развиле во студена средина (рептили)“, објаснува Покела.

Откако наброила многу различни „мутации“ во флората и фауната, таа се насочила кон „разградување“ на човековата биологија.

„Може да бидете машко, иако сте родени како женско, но во тој случај имате недостаток на ензимот 5-алфередуктаза, па на 12-годишна возраст ќе ви порасне пенис. Можете да бидете женско иако имате „X“ и „Y“ хромозоми, бидејќи сте инсензитивни на хормонот „андроген“, па ќе имате женско тело. Можете да бидете машко, иако имате два „X“ хромозома, но вашето срце и мозок да се машки. И обратно“, напиша професорката по биологија.

Нејзината објава стана вирална, со повеќе од 21.000 споделувања и со ист толкав број на лајкови.

– Фактот дека група луѓе ќе ја негираат еволуцијата, ќе го негираат глобалното затоплување, ќе ги оспорат основните принципи на биологијата, но потоа ќе се свртат и ќе ја употребат науката за да ја поддржат својата нетрпеливост… од тоа ми се гади – вели Покела.

Таа се надева дека нејзината објава ќе ги охрабри трансродовите лица и вели дека науката не треба да се користи за да се оправда омразата, нетрпеливоста и предрасудите.