Дали сакаш да дискутираш на теми поврзани со родот и сексуалноста? Дали сметаш дека човековите права се важни во Македонија? Дали сакаш да помагаш на луѓе чии права се прекршени?
Или можеби…
Сакаш да промовираш критички пристап кон родот и сексуалноста, или пак уживаш во креирањето на политики и стратегии за ширење на клима на меѓусебно почитување на сите? Дали сакаш да соработуваш со успешни организации на меѓународно ниво?
Субверзивен Фронт е Здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста. Како динамична и отворена средина, Здружението работи на промоција на критичен, непатријархален пристап кон родот и сексуалноста, на отворање нехомофобична дебата за правата на луѓето кои не се идентификуваат со доминантните хетеронормативни вредности, на политики и стратегии за создавање на поволна општествена и политичка клима за овие луѓе, како и на создавање на органска и организирана квир и ЛГБТИ заедница која би се мотивирала за активно учество во кампањата и борбата за еднакви права.
Ние го гледаме светот како место каде што сите луѓе без разлика на нивните различности, би ги уживале сите досега постоечки права и слободи и би имале еднаков статус во оштеството, а со тоа и можност за организирана политичка борба доколку нивните права, слободи и избори се прекршени. Нашите главни стратешки области во кои дејствуваме се:
- Застапување за ЛГБТИ
- Истражување и политики за ЛГБТИ
- Обука и образование за род и сексуалност
- Услуги на бесплатна психо-социјална и правна помош и советување за ЛГБТИ лица
- Прибирање средства за ЛГБТИ проекти и иницијативи
Ако ова ти се чини интересно и сакаш да бидеш дел од нашиот слободоумен тим преку идентификување со главните принципи на уживање во еднаквоста и почитување на различноста, придружи ни се!
Ние сме во потрага по индивидуи кои би биле ангажирани во работата на нашите актуелни и идни проекти во рамки на петте стратешки области, како и би биле вклучени во работата на Здружението. Нашиот/та идеален/на волонтер/ка би требало да поседува основни комуникациски вештини, напредно познавање на англискиот јазик, мотивација и интерес за работа на теми поврзани со род и сексуалност, да е флексибилен/на и отворен/на за знаење поврзано со ЛГБТИ тематики и подобрување на своите вештини, отворен/а за меѓународна соработка и ги почитува различностите, а притоа сака да работи во тим и да создаде позитивна промена во заедницата.
Твоите одговорности како волонтер/ка ќе зависат од твојот интерес, мотивација, квалификации, знаење и вештини, како и времето на достапност.
Што можеш да добиеш како волонтер/ка во С-Фронт?
1. Знаење, вештини и искуство!
Можеш да ги подобриш твоите комуникациски и презентациски вештини, стекнеш искуство во работа во невладин сектор и граѓански активизам, вештини за тимска работа, вештини на пишување/медиуми, истражувачки вештини, проектен менаџмент, работа под притисок, како и вештини за разрешување на конфликти. Ќе добиеш знаење за моменталната ситуација за ЛГБТИ тематиките, политики и улогата на активизмот, како и теми поврзани со психологија: ментално здравје, промена на ставови, разрешување на конфликти, комуникација, асертивност, интернет активизам и употреба на маркетингот во ЛГБТИ активизмот, како и меѓународно искуство во работа со ЛГБТИ темите.
2. Препорака/и!
Ќе имаш можност да добиеш препорака/и од одговорно лице во Здружението по 2 месеци активен волонтерски ангажман во Здружението.
3. Волонтерска книшка
Ќе ти обезбедиме документ како доказ за твојата посветеност и ангажман за време на волонтерскиот период во Здружението.
Сè што треба да направиш е да ја пополниш оваа кратка апликациска форма – врска овде: !
Нема рок за поднесување на апликациската форма! Сепак, би те охрабриле да ја испратиш колку што е можно поскоро.
По испраќање на апликациската форма, ние ќе те известиме за селекцијата.
Ти благодариме на интересот!