Европскиот суд за човекови права стави крај на принудната стерилизација на транс лицата

Европскиот суд за човекови права вчера пресуди дека задолжителното стерилизирање на лицата кои бараат правна промена на родот е кршење на човековите права. Ваквата одлука, која е донесена по трите случаи против Франција, ќе ги принуди останатите 22 земји-членки на ЕУ да ги сменат своите законодавства.

– Ова е победа за транс лицата и човековите права во Европа. Одлуката става крај на мрачното поглавје на стерилизацијата која ја наметнуваат државите во Европа. Дваесет и двете земји во кои стерилизацијата се уште е задолжителна ќе мора да стават крај на ваквата практика. Ќе им помогнеме на останатите земји да ги реафирмираат своите национални законодавства – рече извршната директорка на „Transgender Europe“ Џулија Ехрт.

Сепак, судот одлучи дека задолжителните медицински прегледи, кои ги наложуваат националните судови, како и задолжителната евалуација на менталното здравје на лицата не се коси кон Европската конвенција за човекови права.

– Жалосно е што суровите и непотребни прегледи се сметаат дека се во согласност со Европската конвенција за човекови права. Ќе продолжиме да ја покреваме свесноста за злоупотребата на човековите права во полето на медицината, на кои транс лицата систематски се изложени – вели Ричард Холер, од „Transgender Europe“.

Трите лица кои ја тужеа Франција, речиси цела деценија се бореа државата да им го признае родовиот идентитет. Пред октомври 2016 година, лицата кои сакаа правно да го сменат својот родов идентитет мораа да имаат доказ дека се неплодни и дека извршиле промена на полот и да подлегнат на дискриминаторски прегледи.