Иновативно застапување за ЛГБТИ права од различни делови на светот

Од 3. до 6. април, Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт учествуваше на вториот Глобален самит за иновативно застапување, организиран од најголемото ЛГБТИ здружение во САД, наречено Human Rights Campaign („Кампања за човекови права“). Штабот на Кампањата во Вашингтон беше домаќин на самитот за кој се собраа 30 застапници за ЛГБТИ еднаквост од Либија, Судан, Алжир, Тунис, Либан, Јужна Африка, Кенија, Уганда, Нигерија, Непал, Шри Ланка, Бангладеш, Индија, Камбоџа, Тајван, Виетнам, Кина, Бразил, Колумбија, Перу, Јамајка, Белизе, Латвија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Русија, Украина и Македонија. Годишниот самит претставуваше форум за размена на идеи за унапредување на еднаквоста на ЛГБТИ луѓето и вмрежување со клучните креатори на политики во САД и лидерите на непрофитните организации. Застапниците за ЛГБТИ права кои учествуваа на Самитот претставија проекти и пристапи со кои била унапредена еднаквоста, особено од аспект на раскажување приказни, иновации и застапување во нивните матични земји.

Во рамките на Самитот, застапниците разговараа со претставници на Светската Банка, претставници од Конгресот на САД, како и со сегашни и поранешни застапници за еднаквост во Кампањата, за повеќе различни прашања. Дискусиите беа водени околу темите употреба на хумор, поп-култура и уметност, примена на иновативни начини на застапување, потоа темите за правда за трансродовите лица, превенција, третман и грижа за лица со ХИВ, ангажман за еднаквост на ЛГБТИ лицата на работното место, како и застапување на правата на интерсексуалните лица. Иновацијата во однос на лезбејките и бисексуалните жени, претприемништвото и социјалното претприемништво за ЛГБТИ лицата, како и градењето движења и алијанси за остварување политички промени исто така беа теми на долги дискусии во рамките на Самитот.

Антонио зборуваше за проценката на вклученоста на ЛГБТИ лицата во политичката агенда во 2016 и особено за кампањата „Гласај за еднаквост“ од минатата година, пред изборите на 11. декември, со која се зголеми видливоста на ЛГБТИ луѓето во медиумите и ТВ дебатите меѓу политичарите. Тој ја спомена важноста на започнувањето и одржувањето на дијалогот со политичките партии, особено парламентарните партии, од аспект на политичката идеологија за подобрување на заштитата на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Македонија, како и за клучниот интерес на тоа да се има помобилизирана и поорганизирана ЛГБТИ заедница во државата. Некои од клучните точки на загриженост на Самитот беа поврзани со продолжувањето на поддршката и помошта од САД за подобрување на статусот и правата на ЛГБТИ луѓето во светот, имајќи ја предвид администрацијата на Трамп.