Поголем број на транс лица пријавиле дека не им било дозволено да се регистрираат во пресрет на предвремените парламентарни избори на Велика Британија.
При интернет регистрацијата, лицата треба да го внесат нивниот единствен матичен број како дел од процесот на идентификување. Сепак, некои транс лица кои правно го имаат сменето своето име јавуваат дека кога ќе го внесат ЕМБ им се појавува грешка во која се наведува дека тој ЕМБ е „заштитен“.
Транс маж вели дека грешката се јавува секој пат кога ќе се обиде да го поднесе формуларот.
– Секој пат кога ќе ги внесам податоците и моето ново име, кое го сменив пред една година, кога ќе стигнам до делот за ЕМБ се појавува порака дека „овој ЕМБ е заштитен“. Грешката се јавува постојано во овој дел и ми вели дека треба да внесам друг ЕМБ, кој јас го немам. Се чувствувам како да не сум човек, како да сум помалку вреден од сите останати – вели еден транс маж.
Грешката „заштитен“ се однесува за заштитени ЕМБ кои им овозможуваат на славните личности или жртвите на насилство да гласаат анонимно.
Поради тоа што имаат заштитен ЕМБ, лицата мора да поседуваат документ како доказ за својот идентитет, кој претставува проблем за некои транс лица, кои и онака тешко добиваат сертификат за признавање на родот.
Транс мажот, кој побарал да остане анонимен вели дека ги контактирал локалните власти, но дека и тие самите не знаеле како да го решат проблемот.
– Тие не знаат што да прават. Јас не можам да се регистрирам затоа што не можам да го докажам мојот идентитет иако имам документи, само затоа што немам сертификат за признавање на родот – вели транс мажот.
Друга транс жена, која се соочила со истиот проблем поради „заштитениот“ ЕМБ вели дека Даночната управа ја ставила во оваа категоризација иако таа тоа не го побарала. Кога се обидела да го реши проблемот со регистрацијата, не можела тоа да го направи затоа што го немала сертификатот.
Британската изборна комисија вели дека нема да издадат посебни препораки до локалните совети како да се справат со овој проблем.
– Може да се регистрирате и без ЕМБ, а Изборната комисија на локалните власти им доставија сеопфатни прирачници како да се справат со проблемите доколку лицата не може да се регистрираат – вели портпаролот.
Изборите се закажани за 8 јуни, а политичарите во меѓувреме добиваат бројни поплаки за изборниот процес и регистрација.