Во Европа има напредок во поглед на еднаквоста на ЛГБТИ лицата, но не со потребната брзина и распространетост неопходна за постигнување на вистинска еднаквост. Европските лидери треба да бидат похрабри, бидејќи во спротивно работите можат да почнат да назадуваат. Ова го соопштија претставниците на ILGA-Europe при презентирањето на новиот извештај за прогресот Европа во однос на ЛГБТИ правата насловен како „2017 Rainbow Europe package“.
Според извештајот, постои прогрес, но забавува и е изложен на ризик. Токму од овие причини, се наведува дека на Европа и е потребна поголема политичка храброст за да го заштити напредокот, а тоа може да се постигне преку спроведување нови реформи и преку подобрување на состојбата на ЛГБТИ-лицата во други делови на континентот.
Организацијата наведува дека минатата година направен е напредок во Франција и Норвешка во однос на правно признавање на родот, во Италија е воведено цивилното партнерство, а во Малта се забрани контроверзната терапија за „преобратување“ на геј лицата. Сепак наведуваат дека овие промени не се случуваат со иста брзина во други делови на Европа.
– Едно од најчестите прашања кои ни ги поставуваат националните влади е како да го подобрат рангирањето на мапата „Rainbow Europe“– одговорот е преку политичка одлучност. Политичките лидери мора да разберат дека ако не дејствуваат сега, напредокот кон ЛГБТИ еднаквоста кој го постигнавме во изминатите неколку децении може да почне да деградира и назадува – вели Евелин Паради, извршен директор на ILGA-Europe, додавајќи дека и во земјите кои се наоѓаат на врвот на мапата има уште работи кои треба да се направат за ЛГБТИ лицата буквално да живеат ослободени од страв.
Таа вели дека назадувањето може да се случи преку ноќ и дека од тие причини политичарите во Европа мора брзо да се освестат. Некои ризици се очигледни и болни, како на пример кршењето на човековите права во Чеченија. Тоа не е само лоша порака за чеченската ЛГБТИ заедница, туку лоша порака на нетолеранција која се испраќа во поширокиот регион.
– Од зголемената употреба на дебатите со бегалците за срамно подгревање на ксенофобијата, преку „популистичките“ партии кои директно ги претставува ЛГБТИ-заедницата и другите заедници како негативци, до зголемување на безбедносните мерки во име на антитероризмот, замолчувањето на независните медиуми и универзитети, сето тоа претставува загрижувачки потенцијал за поткопување на работата на ЛГБТИ активистите – вели Паради.
Новата мапа, индекс и годишен извештај опфаќа 49 земји, нивните закони и законски дејствија во изминатите 12 месеци. Во извештајот за прв пат се даваат насоки како во тековната година да се подобри состојбата на ЛГБТИ лицата.
– Не постои решение кое е соодветно и применливо за цел континент, но оние земји кои традиционално биле сметани за шампиони во еднаквоста веќе не ги прават поместувањата како што претходно ги правеле. Европската унија не притиска за напредување со иста сила како претходно, па затоа ЕУ во целина има рејтинг помал од 50 отсто. Ако националните влади не преземат порешителни чекори и продолжат да ги „влечат своите нозе“ ќе продолжат да паѓаат на скалата. Не станува збор за „измислување топла вода“ секоја година, туку за почитување и одржување на основните човекови права и обврски. Станува збор за правење на тоа што е исправно и тоа што треба да се направи за ЛГБТИ лицата да бидат еднакви, како и што заслужуваат – изјави Џојс Хамилтон, копретседавач на „ILGA-Europe“.
Прогресот во Европа не изгледа исто како пред една година. Иако брачната еднаквост ги полни насловните страници, сепак тоа не е единствениот показател за напредок. Денеска напредокот се гледа преку зголемување на заштитата на транс и интерполовите лица. Искачувањето на Норвешка на втората позиција и повисокото рангирање на Франција се два примера дека новите закони кои овозможуваат правно признавање на родот придонесуваат за подобро рангирање на мапата.
Во извештајот посебно место се издвојува и за Македонија, која и годинава се наоѓа на дното. Таа годинава е на 41 место од 49 земји во поглед на правната и законската регулатива кон ЛГБТИ-лицата и дејствијата кои се преземаат за нивна заштита. Македонија е полошо рангирана и од Албанија (24), Грција (17), Бугарија (34), Косово (27), Србија (28), Црна Гора (21), БиХ (25) , Хрватска (11), Словенија (20), Романија (35) и Унгарија (19). Единствено полоша на Балканот од Македонија е Турција која се наоѓа на 46 местото.
Во извештајот се наведува дека неколку политички фигури ги поддржале ЛГБТИ лицата и основните човекови права во 2016 година. Во извештајот се земени предвид активностите на ЛГБТИ здруженијата во Македонија, вклучувајќи ги и оние на „Субверзивен фронт“ во насока на обезбедување на поддршка, советување и правна помош на лица кои бараат азил. Минатата година се регистрирани три такви случаи, од кои два се решени до крајот на 2016 година, додека третото лице во декември по трет пат побарало помош од Шведската агенција за миграција. Исто така в предвид е земена претставката која „Субверзивен фронт“, „Женска алијанса“ и „Здружението на млади адвокати ја достави до Комисијата за заштита од дискриминација поради дискриминаторскиот учебник на факултетот по психологија, а за кој Комисијата несоодветно и ненавремено изреагира, како говорот на омраза кој е регистриран во медиумите, особено во емисијата на Миленко Неделковски на телевизијата Канал 5.
Во извештајот е нотирано дека во рамки на кампањата „Гласај за еднаквост“, пред предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година, се регистрирани 31 случај на говор на омраза базирани на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Во извештајот се наведува во Македонија е потребно да се усвои легислатива која ќе ги заштити работниците од дискриминација врз сексуална ориентација, родова еднаквост или полови карактеристики.
Потребна е фер, транспарентна правна рамка за правно признавање на полот, базирана на процесот на самоопределување, ослободено од инвазивни барања, како што е стерилизација, медицинска дијагноза или хируршка и медицинска интервенција. Исто така потребно е да се донесе закон и законски акти против говор на омраз во кој експлицитно ќе биде вклучена сексуалната ориентација, родовиот идентитет и половите карактеристики како основа за заштита.
.