Српската ЛГБТ заедница на 24 јуни во Белград ќе одржи Парада на гордоста, беше соопштено на минатонеделната трибина „Каква гордост“, додека на 17 септември ќе биде одржан Прајдот.
Претставниците на ЛГБТ заедницата кои ќе учествуваат на Парадата на 24 јуни соопштија дека таа ќе биде во форма на протест, за да се укаже дека ЛГБТ заедницата и понатаму е маргинализирана и честопати се жртви на насилство.
Ангела Чех, од организацијата „Егал“, рече дека најчести жртви на насилството се транс лицата „затоа што се највидливи и поради тоа што и понатаму не постои легислатива која ќе го регулира издавањето лични документи во согласност со родовиот идентитет на транс лицата“.
На трибината беше соопштено дека во првите две недели од мај регистрирани се три напади на транс лица во Белград.
Припадниците на ЛГБТ заедницата како еден од проблемите со кои се соочуваат го наведуваат и тоа што се дискриминирани при вработување поради нивната сексуална ориентација.