Лео Варадкар, јавно геј политичар, е избран за новиот премиер на Ирска. Тој победи на изборите кои се одржаа во петокот на „Fine Gael“, либерално-конзервативната владеачка партија на Ирска. Со оваа победа, Лео е четвртиот јавен геј лидер во модерната историја.
Варадкар ќе го замени на функцијата премиер Енда Кени, кој на почетокот на оваа година го најави своето пензионирање. Варадкар, кој беше Министер за Социјална Заштита, го победи противкандидатот Сајмон Ковенеј со освојување околу 60% од гласовите.
Во победничкиот говор, тој го пофали извонредниот прогрес на државата и изјави: „Ако моето избирање покажа нешто, тоа е дека предрасудите не владеат во републиката“. Тој додаде и дека неговиот татко, кој е индиски мигрант, може да се гордее со фактот дека неговиот син нема да биде суден за неговото потекло или идентитет, туку за своите постапки.
Јохана Сигурдардотир, 24-тата премиерка на Исланд, беше првата лезбејка премиерка во светот. Покрај Варадкар, во моментов активен геј политичар е премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел.
Ирска, држава со силни католички вредности, направи голем напредок во поглед на ЛГБТИ правата во минатите години. Со референдумот за дозвола на геј бракови во 2015-та година се донесоа и прогресивни закони за правно признавање на родот. Овие закони овозможија трансродовите лица да можат без никаква препрека правно да го променат својот род.