Европскиот суд за човекови права го осудува рускиот закон за „геј пропаганда“

Судот во Стразбур соопшти дека Русија постапила дискриминаторски кон тројца активисти за геј права кои се спротивставија на законот од 2013 година со кој се забранува промоцијата на хомосексуланоста на лица под 18 години.

Законот „ја засилува стигмата и предрасудите и поттикнува хомофобија“ стои во пресудата. Согласно законот, физичките лица, за кои се смета дека промовираат „хомосексуалност кај малолетници“ можат да бидат парично казнети со сума до 5.000 рубљи (85 долари). Додека пак, ако официјални лица го прават тоа, казните се и 10 пати повисоки.

Судот во Стразбур пресуди дека казните на трите руски геј активисти го прекршиле Член 10 (слобода на изразување) и Член 14 (забрана за дискриминација) од Европската конвенција за човекови права. Судот го отфрли и тврдењето на руската влада дека таков закон е неопходен за заштита на моралните вредности и притоа истакна дека таквите закони содржат предодредена пристрасност од хетеросексуалнато мнозинство наспроти хомосексуалното малцинство.
Судот ѝ нареди на Русија да исплати оштета на тројцата активисти во вредност од 8.000 евра до 20.000 евра.
Хомосексуалноста беше декриминализирана во 1993 година во Русија, но анти-геј предрасудите се сѐ уште распространети.