Транс жена во брак од Нов Јужен Велс, Австралија, се здоби со поддршка од Комитетот за човекови права од Обединетите Нации, при барањето за промена на полот во изводот од матичната книга на родени.
При обидите, жената која ја нарекуваат „G“, во неколку наврати е одбиена за промена на полот во изводот од матичната книга на родени. Комитетот при ОН ја донесе својата одлука на 17-ти март во корист на „G“, а ја соопштија јавно минатата недела.
Повеќето од државите во Австралија имаат наметнато барања за препознавање на полот кои се масовно критикувани од страна на Австралиската комисија за човекови права, како и од ЛГБТИ групите. Едно од тие барања е дека лицето кое сака да го промени полот мора да оди на операција за промена на полот.
Додека пак, во шест австралиски држави и територии (Нов Јужен Велс, Квинсленд, Западна Австралија, Тасманија, Викторија и Северната Територија) транс лице кое е во брак, мора да се разведе од сопругата ако сака да го промени полот во изводот од матичната книга на родени. Ова е така затоа што во Австралија сѐ уште не се легализирани истополовите бракови.
Според комитетот, австралиските закони кои ги спречуваат трансродовите лица во брак да си го променат полот на изводот од матичната книга на родени, ги прекршува меѓународните човекови права. Законите поточно ги прекршуваат Член 17 (право на приватност) и Член 26 (анти-дискриминација) од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.
Комитетот ја советуваше австралиската влада да и обезбеди на „G“ извод од матична книга на родени, каде што ќе пишува дека е жена. Исто така ја советуваше Австралија, да ги промени своите закони за да не се случува ова во иднина на трансродовите лица.
Финалниот рок за одговарање на пресудата за Австралија е 15-ти декември.