Одржана работилницата на тема: “Поттикнување и зајакнување на поддршката: проблеми и потреби на транс и интерсекс луѓето во Македонија – мобилизирање на заедниците и сојузниците”

Минатиот четврток и петок – 27 и 28 јули, здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста “Субверзивен фронт” од Скопје, Македонија беше домаќин на работилницата “Поттикнување и зајакнување на поддршката: проблеми и потреби на транс и интерсекс луѓето во Македонија – мобилизирање на заедниците и сојузниците”. Работилницата беше организирана во партнерство со ЕРА – Асоцијацијата за еднакви права на ЛГБТИ лицата и XY Спектрум и обете со седиште во Белград, Србија. Работилницата собра на едно место членови на ЛГБТИ заедницата, особено лица кои се идентификуваат како транс* луѓе, нивните родители, правни експерти, социјални работници, даватели на услуги за ментално здравје, како и ЛГБТИ активисти од земјата. Нејзината дводневна програма беше креирана со цел да одговори на потребите за зголемено знаење и разбирање на животните искуства на транс* и интерсекс луѓето во Македонија, со кои тие секојдневно се соочуваат, како и да ги наведе областите во кои учесниците можат да ја подобрат својата работа во обезбедување на подобра поддршка за транс* и интерсекс луѓето. Над 20 луѓе активно учествуваа во дискусиите и предавањата за време на работилницата и беа во можност да ги споделат своите искуства и приказни, како и нивните идеи и мислења. Покрај тоа, оние кои се идентификуваат како транс* луѓе беа во можност да ги споделат своите лични приказни и предизвици со психолозите, адвокатите и ЛГБТИ активистите за време на сесиите за вмрежување кои се одржаа на крајот од програмата во обата дена.

Учесниците беа особено заинтересирани да дознаат повеќе за различностите во идентитетите во заедниците на транс* и интерсекс луѓето, нивната јасна дефиниција, правната рамка која може да се користи за регулирање на остварувањето на одредени човекови права на овие луѓе, како што се правото на еднаков третман и недискриминација, правото на живот, правото на телесен интегритет и автономија, правото на самоопределување, правото на слобода од насилство, правото на слобода на движење и сл. Покрај тоа, медицинските аспекти во однос на искуствата што ги имале транс* и интерсекс лицата, исто така, предизвикаа значителен интерес кај учесниците, како што се видовите на медицински интервенции кои честопати ги бараат транс* луѓето и различните медицински дијагнози кои, за жал сè уште се припишуваат на интерсекс луѓето. Исто така, беа споделени и дискутирани идеи и приказни за еманципација на заедниците на транс* и интерсекс луѓето. Последно, но не и најмалку важно, беа дадени јасни и прецизни упатства во однос на терминологијата што се користеше за покривање на гореспоменатите аспекти на транс* и интерсекс лицата.

Програмата за работилницата беше развиена и спроведена од обучувачите Кристиан Ранѓеловиќ, извршен директор на XY Spectrum и Исидора Исаков – менаџер за градење капацитети во ЕРА, кои поседуваат значително искуство во темите опфатени на работилницата. Работилницата беше организирана со финансиска поддршка од Цивика мобилитас – програмата за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), спроведувана од NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ).