[Репортажа] Белград Прајд: Додека во Шведска парадата е забава, во Белград е борба за права

Откако поминаа неколку дена од Парадата на гордоста во Белград и малку се одморивме, ќе се потрудам да ви ја доловам целата слика како беше таму, секако од моја перспектива. Но пред да започнам со тоа, ќе отидеме некои 2300 километри северно од Белград до Стокхолм.

Стокхолм Прајд беше моето прво искуство, пред нецели два месеци, поврзано со Прајд недели како и со Парада на гордост. Секако дека Сткохолм не може со ништо да се спореди, не за џабе сите викаат дека е можеби најдобрата Парада на гордост во целиот свет. Со повеќе од 150 камиони од најразлични организации, од полиција, војска, аеродроми па сè до гостински прајд организации од целиот свет. Градот тоа го чека со нетрпение, огради нема освен најобична жолта лента, полицијата речиси и да ја нема (дали 2-3 полицајци видов за време на целата парада), а цел град е на нозе. Посетители од најразлични возрасти и едноставно сите одлично се забавуваат. Наједноставно да ви опишам, замислете си забава која е во сите можни бои и се случува низ целиот град и трае со часови. Не дека не може да се преведе на македонски, ама фразата celebrating life има подлабоко значење вака без дополнително објаснување. Токму тоа се случуваше во Стокхолм.

 Stockholm Pride

Два месеци подоцна, отидовме на Белград Прајд. Голема благодарност до Civil Rights Defenders за поканата и за овој прајд и немам доволно зборови да ја опишам одличната организација од нивна страна.

Не е лесно да се заборават сликите од 2001-ва година, за она што повеќето го знаат како „крвавиот прајд во Белград“. Но, работите се многу променети во изминативе 15 години. Првиот ден, петокот, од страна на Civil Rights Defenders, беше организирана Меѓународна конференција за говор на омраза и злосторства од омраза. Конференцијата не беше на некое тајно место кое што никој ни знае каде е, ни знае како да дојде до таму. Конференцијата се одржа во Палатата на Србија што воопшто не е мала работа. На самата конференција имаше говорници од цела Европа, кои зборуваа на теми како што се, борење со злосторства од омраза, спречување на говор на омраза и како најдобро да се справите со двете ситуации. Можеби најважниот говорник од сите беше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која е јавно декларирана лезбејка. Меѓу повеќето работи што ги кажа беше и тоа дека ситуацијата се подобрува и дека сè повеќе и повеќе се пријавуваат вакви случаи и се работи на подобрување на законот за казнување на злосторниците.

 Belgrade Pride - Day 1

Вториот ден, саботата, беше резервиран за Меѓународниот Прајд Форум. На самиот форум имаше исто така многу важни говорници кои разговараат на најразлични теми, и тоа ЛГБТИ правата во ера на популизам и колку помага ЕУ на ЛГБТИ заедницата во регионот. На самото отворање се обрати директорот на Civil Rights Defenders, Горан Милетиќ, кој потенцираше дека безбедноста е на највисоко ниво, дека ситуацијата за ЛГБТИ заедницата во Србија оди кон подобро на што укажува фактот дека оваа година бројот на потребни полицајци е намален за 1000. Иако бројката е сè уште висока, голем напредок е во толкава мера да се намали присуството на полицијата. Интересен беше панелот каде што имаше претставници од речиси сите држави на Балканот, и колку се разликува ситуацијата од држава до држава, кога станува збор за организирање на Парада на гордоста. Вечерта имавме прием во резиденцијата на Н.Е. Аксел Дитман, амбасадорот на Германија, каде дружбата со сите гости помогна во разменување на искуства, идеи и совети како до поголема видливост и подобрување на ситуацијата на ЛГБТИ луѓето низ целиот Балкан.

 Belgrade Pride - Day 2

Третиот ден, неделата, беше денот за Парадата на гордоста. Се собравме сите пред хотелот каде што престојувавме и нашиот водич, Александар, ни рече дека мораме да почекаме да дојде обезбедувањето без кое не е препорачано да се движиме. Да бидам искрен, иако сите околу мене ми викаа дека е безбедно, не ви е толку сеедно кога гледате празни улици исполнети само со полиција. Друг човек речиси и да немаше. Како што почнавме да се движиме кон Цветниот плоштад, од каде беше најавен почетокот, присуството на полицијата беше сè повеќе и повеќе видливо. Откако нè пуштија да поминеме каде што имаше ограда, видливоста нa полицијата се намали. Низ целиот булевар додека минувавме, можеше да се забележи дека на секоја пасаж меѓу зградите каде што може човек да помине, стоеше полицаец. Да не заборавам да додадам и дека толку многу полицајци и обезбедување и во цивилна облека имаше. Интересно беше тоа што организаторите успеале да стават на секоја бандера знамиња во боите на виножитото.

Дојдовме до Цветниот плоштад, каде што за разлика од Стокхолм, овде имаше само еден камион од кој доаѓаше музика. Луѓе танцуваа и забавуваа и чекаа да почне парадата. Како што минуваше времето, сè повеќе и повеќе луѓе доаѓаа. Тука морам да потенцирам една работа, дека мојата генерална перцепција беше дека има повеќе медиуми и активисти од странство, отколку што имаше обични посетители на парадата. Во еден момент дојде и премиерката, Ана Брнабиќ, која одржа краток говор и потоа се поздравуваше со луѓето присутни и разговараше со нив. И потоа си замина, не беше на чело на поворката како што погрешно пренесоа многу медиуми.

А да, за малку ќе заборавев. Бидејќи Балканот ќе си биде Балкан, парадата во Белград си има и своја „кума“. Верувале или не, кума беше Јелена Карлеуша, која искрено одржа прилично добар говор за мир и толеранција, човек да си помисли дека долго време е во политиката. Не знам, или е до мене, или такво е станато времето за сите во шоубизнисот.

Belgrade Pride - Day 3

После кратко време започна парадата, и пополека почна да се движи толпата, која не беше поголема од 1000 луѓе. Музика ечеше од камионот на кој стоеше „За промена“ слоганот испишан, а народот танцуваше. Ама освен за присутните на парадата, Белград беше од секој друг аспект празен. Додека во Стокхолм мафтаа и танцуваа луѓе по терасите на зградите и снимаа со телефони, овде немаше жив човек по терасите. Кога се дојде до средина на парадата, имаше еден мал инцидент, каде што „случаен“ минувач почна да извикува секакви непристојни фрази, и кон полицијата и кон присутните на парадата, и да се упатува кон челото од поворката. За нецели 10 секунди полицијата го отстрани, можеби и затоа повеќето медиуми не пренесоа за ова, бидејќи не виделе дека се случило.

Парадата заврши на Плоштадот на Републиката каде што имаше сцена на која еден диџеј пушташе музика. После неколку говори, времето почна да се труди вистинско виножито да предизвика и започна да врне многу силно, со што посетителите си отидоа и манифестацијата заврши порано. Најважно е што сè помина во најдобар ред и немаше никаков голем инцидент.

Е сега, откако колку што можев ви ја доловив сликата за Белград, сигурно се прашувате зошто па сеа за Стокхолм ни зборуваше. Додека во Шведска, каде што човековите права се на највисоко ниво и нивната парада е една голема забава која што градот со нетрпение ја чека, во Србија, парадата значи борба за права и можност секој да биде тоа што сака да биде, без да му/ѝ биде страв да излезе на улица и да биде претепан/а за тоа. На крајот од денот, никој човек нема право на друг човек да му кажува како да си го живее својот живот. Секој има право на среќа.

Н.М.