Во хотел „Пела“ во Охрид, се оддржа 5 дневната работилница на тема „Art for Advocacy“. Ова се оддржува по 6ти пат во организација на фондацијата IDEA Southeast Europe. Оваа година главниот фокус беше ставен на деветтата уметност, поточно кажано на стрип уметноста и како може таа да биде применета во застапувањата и најразличните кампањи.
Првиот ден беше во целост посветен на застапеноста и предавањето го држеше Мите Кузевски, дебатер и изврешен директор на IDEA SEE. Во предавањето се дискутираше за најразлични работи што можат да се појават во една кампања, какви треба да ни бидат целите и моралниот и етичкиот пристап во истото. На крајот се гледаше документарниот филм KONY 2012 и имаше отворена дискусија за дали била или не била целата кампања успешна.
Вториот ден првиот дел од предавањето го држеше асистент професор Бошко Караџа каде што се зборуваше за еволуцијата на уметноста низ времето, и како стрип уметноста стана дел од уметноста на 21от век. Подоцна се зборуваше за стриповите како медиум за активизам и како суперхероите низ времето се користени за да покренат социјални проблеми. Последната сесија од денот ја одржа еден од најдобрите македонски стрип цртачи, Игор Јовчевски, кој зборуваше за структурата на еден стрип, како и техники на цртање во стрип уметноста.
Третиот ден предавањето го започна Горан Костовски – Индог, кој е познат уметник и дизајнер и зборуваше за историјата на уличната уметност и јазикот кој треба да се применува за да се пренесе пораката. Исто така, се изработуваа и стенсили на најразлични теми. Во вториот дел од предавањата се зборуваше за самата содржина во стрипот од сценариски аспект, и на таа тема зборуваше македонскиот стрип сценарист, Јордан Коцевски.
Четвриот ден се работеше по групи и се одбираа теми на кои ќе се работат различни кампањи. Гостински предавач беше Дарко Булдиоски, основачот на New Media MK како и директор на AllWeb. Негово предавање беше целосно во фокус на онлајн кампањите и на кои работи треба да се посвети повеќе внимание и како најдобро да допреме до посакуваната таргет публика.
Петиот ден активно се работеше на кампањите, вкупно имаше 6 групи кои повеќето работеа на најразлични теми (интернет приватност, лгбт права, родов идентитет, легализирање на канабис, мир во светот и прајд движење на Балканот). Кога се финализираа проектите, темите беа презентирани со комплетната стрип уметност и стенсили креирани.