На 13 октомври, во организација на Сараевскиот отворен центар и Агенцијата за родова еднаквост во Босна и Херцеговина, се одржа регионалната конференција за статусот на ЛГБТИ-луѓето во регионот под наслов “Поддршка, заштита и видливост”. Конференцијата ја отвори Амар Нуманиќ, презентирајќи ги истражувањата во БиХ спроведени со над 366 ЛГБТИ-луѓе во Босна и Херцеговина. Истражувањето е основа за разбирање на состојбата на правата на ЛГБТИ-луѓето на сите нивоа, меѓу другото и поддршката што ја имаат во семејството, состојбата во судството, како и полицијата и другите државни инструменти кои треба да бидат во служба на ЛГБТИ-луѓето како еднакви граѓани. На конференцијата имаше три панели со говорници од Црна Гора, Хрватска, Србија, Македонија, Турција и Босна и Херцеговина.
За ЛГБТИ-луѓето, аутирањето е сè уште најтешко во самото семејство, како што покажа истражувањето. Како да се реши овој јаз помеѓу родителите кои одбиваат да ги разберат нивните деца и деца кои живеат во страв од постојано отфрлање и губење, не само љубов, туку и покривот над главата, разговараа Фериде Унал од Турција и Сања Станојевиќ од Хрватска, како родители на транс* деца.
Сигурноста е пресуден фактор во аутирањето на ЛГБТИ-луѓето и тоа е тоа што најчесто ги спречува да се аутираат или да пријават дискриминација која е многу честа. Дури 61,70% од ЛГБТИ-луѓето доживуваат дискриминација, а секој четврти ЛГБТИ-човек има доживеано сексуално вознемирување, но само 16.2% од нив ја имаат пријавено дискриминацијата кај надлежните органи. Најчести причини за тоа се недовербата во полицијата и стравот од аутирање. За тоа зборуваа Јелана Чолаковиќ од Црна Гора, Вишња Љубишиќ од Хрватска и Самра Филиповиќ-Хаџиабдиќ од БиХ.
Сите овие прашања: сигурност, аутирање и државната заштита, беа дел од последната панел дискусија каде што се зборување за одржување на Парада на гордост во земјите од регионот. Данијел Калезиќ од Квир Монтенегро зборуваше за првото одржување на парадата и политичката волја како „не можеле да си го дозволат луксузот да не ја заштитат парадата“ со оглед на тоа дека таа година требале да докажат на ЕУ дека се на добар пат. Џеј Поштиќ од Загреб Прајд смета дека во моментов имаат низа на успешни одржани паради кои сакаат да ги зачуваат во однос на квир/феминистичкото движење и антикомерцијализацијата. Анита Митиќ од YIHR Србија зборуваше за тешката борба која во Белград започна во 2001 година кога парадата беше загушена во крв, прекините и конечното одржување оваа година во компромис со градските функционери. Бидејќи во Македонија сè уште се нема одржано Парада на гордоста, Антонио Михајлов од Субверзивен фронт зборуваше за тоа дека во Македонија постојат две струи, од кои едната се залага за радикален квир/феминизам, додека пак другата се залага за зголемување на видливоста на ЛГБТИ-луѓето во општеството и медиумите.