Австралија кажа „ДА“ за истополови бракови

Австралијците со големо мнозинство гласаа за легализирање на истополовите бракови во историска анкета. Необврзувачкото гласање по пошта покажа дека 61,6 % од луѓето сакаат да им се дозволи на истополовите парови да се венчаат, објави австралиското биро за статистика. Поддржувачите прославуваа на јавни места со веење на знамињата со боите на виножитото, како и со пеење и танцување.

Предлог-законот за промена на законот беше донесен во Сенатот доцна во средата. Сега е подложен на дебата за амандмани.

Премиерот Малколм Трнбул изјави дека целта на владата е да се усвои законот до Божиќ.

„Австралијците се изјаснија во милиони и тие главно гласаа за „еднаквоста на бракот““, изјави Трнбул по објавувањето на резултатот. „Тие гласаа ДА за правичност, ДА за посветеност, ДА за љубов“ додаде премиерот.

Прашањето беше ставено на волонтерско гласање по пошта по долгата дебата за амандманот на Законот за бракови на Австралија.

Анкетата беше доброволна, за разлика од австралиските задолжителни избори. Повеќе од 12,7 милиони луѓе – околу 79,5 % од регистрираните гласачи – учествуваа во осумнеделната анкета, во која се постави прашањето: “Дали законот за брак треба да се промени за да им се дозволи на парови од ист пол да стапат во брак?”

Познати личности и политичари во Австралија, како и од целиот свет изразија задоволство од резултатите.

Главниот статистичар на Австралија, Дејвид Калиш, рече дека околу 7,8 милиони луѓе гласале за поддршка на истополови бракови, со околу 4,9 милиони против него.