Нови можности за застапување на ЛГБТИ правата во Република Македонија – Разговори под виножитото 2017

Скопје, 7 декември 2017

Вчера во Скопје Сити Хол Центар беше успешно одржана Националната ЛГБТИ конференција „Разговори под виножитото – потреби, предизвици и приоритети“. Конференцијата ги собра на едно место дел од клучните чинители за застапување на ЛГБТИ правата, како што се претставници од надлежните министерства, пратеници од Собранието на РМ, претставници од политичките партии, претставници од независните тела за човекови права и еднаквост на РМ, претставници од медиумите, како и претставници од граѓанскиот сектор кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ луѓето. Настанот беше во организација на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ од Скопје, со поддршка на Сараевскиот отворен центар од Босна и Херцеговина.

Програмата на конференцијата се состоеше од три блока:

  1. Панел дискусија: “Од конверзација кон трансформација – ЛГБТИ правата во новиот политички контекст“;
  2. Презентација на истражувачки наоди од Процената на потребите на ЛГБТ заедницата во Републиика Македонија, и
  3. Најава на претстојниот извештај од регионалното истражување за Политичкото учество на ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан.

Повеќе од 60 учесници од различни профили активно учествуваа во дискусиите кои се креираа во рамките на конференцијата, а беа поврзани со темите на панел дискусијата, на презентацијата на истражувачките наоди или на најавата за истражувачкиот извештај. На панел дискусијата говореа Ивана Туфегџиќ – Пратеничка во Собранието на РМ, Ѓултен Мустафова – Државна советничка за недискриминација и човекови права при Министерството за труд и социјална политика на РМ, Ирена Цветковиќ – Извршна директорка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ) и Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ – Проектна координаторка при Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Конференција „Разговори под виножитото – потреби, предизвици и приоритети“

Неколку идеи беа изнесени во врска со искористувањето на новите можности за застапување на еднаквоста на ЛГБТИ луѓето во новиот политички контекст во земјата. Пратеничката Ивана Туфегџиќ изјави дека ЛГБТИ правата не се посебен сет на специфични права, туку дека се дел од поширокиот корпус на човекови права универзални за сите. Таа направи дистинкција помеѓу јавната, политичка улога на пратениците и останатите носители на одлуки, и нивните сопствени, лични погледи, ставови и уверувања кои може да влијаат врз нивните акции на штета на цела социјална група која честопати е ранлива и маргинализирана. Таа спомена дека дури и со усвојувањето на нова и инклузивна законска рамка, ќе постојат проблеми во прифаќањето на ЛГБТИ луѓето во општеството, што уште повеќе може да се влоши со недостатокот од спроведување на законите. Таа јасно укажа на недостатокот на компетентност на сегашниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација, за којашто таа мисли дека станала „комисија за дискриминација“. Конечно, таа спомна дека многу често помладите, помалку искусните пратениви ги засноваат нивните одлуки на политички калкулации и добивки кои тие би можеле да ги имаат кога би гласале за одреден закон или политика, за разлика од постарите, поискусни пратеници, како на пример Бранко Маноиловски од ДУИ, кои може послободно и повидливо да поддржат политики и идеи кои од многумина се сметаат за неконвенционални и нетрадиционални, како што е истополовиот брак.

Државната советничка Ѓултен Мустафова изјави дека вклучувањето на ЛГБТИ луѓето во визијата на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација донесена во мај минатата година е еден од најголемите успеси на Министерството за труд и социјална политика, кој следел по серија на интензивни напори за лобирање. Во 2016 година беше формирана и работната група со мандат да работи на донесувањето на нов Закон за спречување и заштита од дискриминација. Во текстот од новиот закон, планиран да биде претставен пред пратениците најдоцна до март 2018, ќе бидат вклучени основите сексуална ориентација и родов идентитет (СОРИ) како заштитени основи на дискриминација. Новиот предлог-закон во својот општ дел нема да го вклучува бракот како исклучок од дискриминација, затоа што бракот е дефиниран во Законот за семејство. Новиот предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација исто така предлага професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, што значи дека членовите на Комисијата нема да можат да работат за друга институтција или организација, и дека ќе имаат работно време од 8 часа дневно, 5 дена неделно со цел да ги исполнат одговорностите и задачите кои произлегуваат од новната јавна функција во рамките на новата предложена структура на Комисијата. Според текстот на новиот предлог-закон, должината на мандатите на членовите на Комисијата ќе бидат 3 и 5 години, со цел да се помогне кон градењето на институционална меморија, како и да се овозможи полесна транзиција помеѓу старите и новите членови на Комисијата. Новите критериуми за кандидатите за членови на Комисијата ќе вклучуваат задолжително 7 години работно искуство на полето на заштитата на човековите права од кои 5 години работно искуство во заштитата од дискриминација. Уште повеќе, новиот предлог-закон наложува одржување на јавна расправа во Собранието на РМ за избор на нови членови на Комисијата. Комисијата исто така сега ќе може да објавува Општи препораки покрај Мислењата во врска со претставките за дискриминацијата поднесени до нив. Членовите на Комисијата сега ќе мора да ги разгледуваат сите претставки поднесени до Комисијата, со што го губат досегашното право на одлука да не постапуваат по одредени претставки доколку тоа не е во согласност со мисијата на работата на Комисијата. Меѓу предлозите во новиот предлог-закон се и оние кои ѝовозможуваат на Комисијата да иницира постапка пред Прекршочен суд во случаи кога дискриминаторот-ите не реагирал-е според препораките и мислењата на Комисијата, или пак не ги почитувале законските рокови. Новиот предлог-закон во делот на докажување, овозможува користење на ситуационото тестирање и статистичките податоци како доказ за дискриминација. Новиот предлог-закон исто така ќе им овозможи на граѓанските организации да покренат тужба од јавен интерес (actio popularis) во случаи кога дискриминација е сторена врз поголем број на луѓе или група на луѓе, така што одобрување од секое дискриминирано лице поединечно нема да е потребно. На крај, прекршочните глоби за дискриминаторите се исто така зголемени за правните (од 500 до 5000 ЕУР) и за физичките лица (од 100 до 500 ЕУР). Во случаи кога дискриминатор е избран функционер на локално или државно ниво, прекршочната глоба ќе биде помеѓу 500 и 1000 ЕУР.

Ирена Цветковиќ oд Коалицијата СЗПМЗ изјави дека беа потребни 7 години на силни напори да се адресира ургентноста од измени и дополнување на постоечкиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, посебно за вклучување на сексуална ориентација и родовиот идентитет како заштитени основи на дискриминација и тоа не само како начин на покажување на политичка волја туку и во охрабрувањето на ЛГБТИ луѓето да ги пријавуваат прекршувањата на нивните човекови права. Таа ја потенцираше потребата од политичка волја за воведување и усвојување на инклузивна законска рамка како и за постоење на еманципирани и охрабрени членови на ЛГБТИ заедницата и на поширокото општество. Отворената поддршка од владата, локалните власти и министерствата покажуваат многу позитивен сигнал за членовите на оваа заедница во решавањето на нивните горливи проблеми. Ирена спомна еден пример за 17-годишно транс лице кое, кога го видело премиерот премиерот Заев на прославата на 5 роденден на ЛГБТИ Центарот за поддршка, побарало негова помош во промената на ознаката за род во неговите лични документи, што ја покажува промената во перцепцијата за државните институции кај членовите на ЛГБТИ заедницата од недоверливи до доверливи и компетентни институции кои можат да ги исполнат надлежностите според законите и Уставот. Ирена ја спомна загрижувачката ситуација со вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ луѓе во училиштата, постоечките хомофобични и трансфобични содржини во дел од учебниците во високото образование, како и хомофобичните и трансфобични говори и практики на дел од универзитетските професори. Таа апелираше до Министерството за образование и наука и до високообразовните институции да ги отворат вратите за ЛГБТИ организациите и активистите за да им обезбедат поддршка и експертиза за да може заедно да се изгради подобра и ветувачка иднина за младите генерации. Конечно, таа јасно ја изрази потребата да се адресираат проблемите и потребите на ЛГБТИ луѓето и во медиумските содржини, посебно во однос на продуцирање и промоција на содржини кои се инклузивни, едукативни и информативни за лезбијките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите и интерполовите луѓе.

Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ од МЗМП извести за Решението на Управниот суд од 25 септември 2017 година со која му се овозможува на транс лице промена на ознаката за пол во личните документи од страна на управата за водење на матичната евиденција, кое е прво од ваков вид. Според неа, новиот политички контекст позитивно влијаел врз волјата на судиите при разгледувањето на случаи каде се бара промена на ознаките за пол во лични документи, што им дава на ЛГБТИ активистите можност да работат со судовите и судиите во Македонија во заштитата на правата на ЛГБТИ луѓето. Во рамките на стратешкото застапување на случаи на дискриминација пред надлежните судови, МЗМП има добиено 15 случаи каде судовите утврдиле дискриминација во периодот од 7 години откако е донесен постоечкиот Закон за спречување и заштита и дискриминација. Таа истакна дека сите луѓе се еднакви пред законот и сите имаат еднаков пристап до правда и до заштитата на нивните права насекаде, без разлика дали тоа е работното место, на училиште, во болница и сл., без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет, и наспроти стереотипите и предрасудите кои доминираат во Македонија.

Како поконкретни начини на искористување на можностите во променетиот политички контекст, пратеничката Ивана Туфегџиќ сугерираше дека ЛГБТИ организациите може сега да ги користат работните тела на Собранието на РМ како што се Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и Комисијата за еднакви можности на мажите и жените. Таа исто така спомена дека фондовите од државниот буџет под буџетската ставка „Трансфери за граѓанските организации“ се сега достапни за ЛГБТИ организациите во Македонија. Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ ја истакна потребата од користење на судовите како механизам за заштита на основните права што и се покажало како едно од најефективните средства, повикувајќи ги членовите на ЛГБТИ заедницата похрабро да ги пријавуваат прекршувањата на нивните човекови права и почесто да бараат заштита од страна на надлежните државни органи и ЛГБТИ организациите.

– Крај на првиот дел –