Процена на потребите на ЛГБТ заедницата во Македонија – Разговори под виножитото 2017

Скопје, 8 декември 2017

Во вториот дел од програмата на Националната ЛГБТИ конференција „Разговори под виножитото – потреби, предизвици и приоритети“ беа претставени две истражувачки студии кои Субверзивен фронт ги спроведе во 2017 година.

Програмската координаторка за истражување и политики при С-Фронт, Викторија Бондиќова, го претстави истражувачкиот извештај од Процената на потребите на ЛГБТ луѓето во Македонија. Целта на ова квалитативно истражување беше да се добие сеопфатна процена на самоидентификуваните потреби на ЛГБТ заедницата во Македонија кои се поврзани со областите на здравството, образованието, економските можности, вдомувањето и обезбедувањето услуги. Дополнително, беа вклучени прашања за кохезија на заедницата, учество во заедницата и обидите за активизам. Беа користени фокус групи и интервјуа со членови на ЛГБТ заедницата и вработени лица во невладините организации во Македонија, кои беа модерирани од страна на тричлен истражувачки тим. Примерокот беше намерен и верижен и броеше вкупно 70 ЛГБТ-лица и 10 лица – вработени и ангажирани во НВО секторот во Македонија. Во однос на демографските податоци, најголем дел од испитаниците се со завршено високо образование (49%) и средно образование (37%) и се со македонска етничка припадност (67%). 64% од испитаниците се со машки пол, 36% се со женски пол, од кои најголемиот дел (41%) се идентификуваат како геј-мажи, 26% како лезбејки, 13% како бисексуалци/ки, 13% како стрејт, 4% како квир, 1% како пансексуалци/ки, а 1% од испитаниците не беа сигурни како да ја идентификуваат својата сексуална ориентација. Наодите покажаа дека во однос на перцепциите за општеството, културата и владата, испитаниците пројавуваат незадоволство, недостаток на политичка волја, присуство на непријателска атмосфера и песимизам во однос на социјалниот прогрес, како и потреба од унапредување на односите меѓу НВО секторот и владините институции. Вработените во НВО секторот идентификуваа шест водечки начела за регулирање на сферата на НВО секторот: транспарентност, одговорност, пристап ориентиран кон заедницата, дијалог, конструктивен конфликт и солидарност. Како начини за борба против негативното прикажување на ЛГБТ заедницата, испитаниците наведоа креирање на ТВ и медиумски дебати во врска со ЛГБТ теми, развивање на хуманитарни и волонтерски активности неповрзани со сексуална ориентација и родов идентитет (СОРИ), подобрување на активностите за општествено вмрежување и формирање на групи за поддршка на семејства. Што се однесува до перцепциите за здравствената заштита и услугите, испитаниците говореа за искуства со општествена стигма и дискримнација, но и проблеми со менталното здравје од типот на депресија, анксиозност и страв. Во оваа насока, наодите покажаа зголемена потреба за УМЗ, но и недоверба во јавните институции за ментално здравје, недостаток од доверливост и приватност, хомофобични психолози и психијатри и интерес за онлајн апликации за добивање психолошка помош. Во однос на потребите за физичко и сексуално здравје, испитаниците говореа за потреба од услуги надвор од Скопје, висок степен на дискриминација и финансиски бариери во пристапот до услугите меѓу ромите, недостаток од информации на локален јазик, отсуство за специфични здравствени услуги за трансродовите лица и потреба од креирање на стратегија за дисеминација на информации. Во однос на образованието, испитаниците истакнаа потреба од образовни програми за општата популација, обуки за едукатори на ЛГБТ теми, промени на учебници во согласност со новите истражувања, подобрување на вклученоста и едукацијата во однос на религијата, програми за сеопфатно сексуално образование (ССО) и нивно вклучување во формалното образование. Во однос на вработувањето, трансродовите испитаници изразија загриженост во однос на вработувањето и искуства со дискриминација при вработување. Што се однесува до прашањата за организација и јакнење на ЛГБТ заедницата, вработените во НВО секторот изразија тешкотии и фрустрации поради ограничената вклученост на ЛГБТ заедницата, додека членовите на ЛГБТ заедницата пројавија интерес, но и предизвици при вклучувањето во активизам. Како потреби во овој контекст се истакнаа зголемување на соработката со ЛГБТ заедницата, почитување на различните искуства на заедницата, пристап – среќавање на членовите на заедницата  „онаму каде се” и намалување на очекувањата за вклученост на заедницата. Во однос на законодавните и правни реформи, испитаниците изразија зголемена потреба од закони кои би ги гарантирале нивните права, поголемо застапување за права, но и чувства на разочарување поради отсуството на конкретни резултати. Во извештајот се понудени и препораки до НВО секторот, како и до релевантните владини институции групирани по области.

Конференција „Разговори под виножитото – потреби, предизвици и приоритети“

На конференцијата, координаторката на програмата за застапување при Субверзивен фронт, Александра Димовска, го претстави претстојниот извештај од регионалното истражување за политичкото учество на ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан. Ова истражување беше спроведено од мај до ноември 2017 година во соработка со Лабрис од Србија и Виктори Институтот од САД.  Целокупната цел на овој истражувачки труд е да ги претстави можностите за зголемување на политичкото учество на ЛГБТИ заедниците во земјите од Западен Балкан и како тоа ќе влијае врз воспоставување на социјална еднаквост. Поголемиот дел од истражувањето претежно се потпира на квалитативни истражувачки методи, преку спроведување на полуструктурирани интервјуа со соговорници – претставници од политички партии, ЛГБТИ активисти и претставници од граѓанскиот сектор, претставници на повеќе институции како и експерти од Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Словенија и Хрватска. Дополнителни клучни делови кои се очекува да бидат инкорпорирани во истражувачкиот труд вклучуваат преглед на законодавството во однос на ЛГБТИ правата во поединечните држави, како и анализа на политичкото учество на ЛГБТИ заедниците во регионот во однос на поврзаноста помеѓу партиската политика и граѓанските организации. Конечно, по темелната анализа на достапните материјали за политичкото учество на ЛГБТИ во Западен Балкан, а со цел да се адресираат недостатоците забележани на оваа тема, ќе бидат презентирани серија препораки за креаторите на политиките, невладиниот сектор и другите релевантни засегнати страни во национален и регионален контекст, заради воспоставување значајна и одржлива култура на почитување на основните човекови права.