На 22 јануари годинава беше објавена одредбата на руското Министерство за здравство за одобрување на форма на лекарско уверение за промена на ознаката за пол на транс* луѓето, како и постапката за издавање на ваков сертификат. Одредбата ќе стапи на сила на 2 февруари годинава.
Во Русија многу години не постоеше законски утврдена правна процедура за признавање на родот. Според федералниот закон, со цел да се сменат податоците во нивните лични документи, транс* луѓето треба да достават “лекарско уверение за промена на пол / род” во канцеларијата на матичната служба. Должноста за одобрување на образецот за ова лекарско уверение беше доделена на Министерството за здравство уште во 1998 година, но Министерството ја занемарувало оваа обврска 20 години.
Во текот на овој период, службениците во граѓанските регистарски служби одлучувале самите дали може да се променат документите на лицето, а често се поставувале прекумерни барања кои ги прекршуваат човековите права на апликантите. На пример, можело да бидат потребни медицински операции, или барањето на лицето можело да биде одбиено, доколку е со мали деца. Во многу случаи, за да се одобри правно признавање на родот, транс* луѓето морале да се потпрат на долга и комплицирана судска постапка, која можела и да не резултира со пресуда во корист на жалителот.
“Го поздравуваме усвојувањето на одредбата на Министерството за здравство во својата финална верзија и веруваме дека нејзиното стапување на сила значително ќе ја подобри состојбата со транс* луѓето во Русија”, вели Татјана Глушкова, координаторка на правната програма на Проектот за правна заштита за транс* лицата. Документот воспоставува транспарентна процедура за правното признавање на родот, што ќе им овозможи на транс* луѓето да ја менуваат својата документација без примена на суд. Покрај тоа, усвојувањето на одредбата ќе го донесе руското законодавство во согласност со судската пракса на ЕСЧП.