Штрајковите со глад се шират во солидарност со затворената транс* активистка Дирен Кошкун

Пријателите на затворената транс* ЛГБТИ активистка, Дирен Кошкун, почнаа да се приклучуваат на штрајкот со глад со цел да ѝ бидат овозможени на Дирен основните барања во врска со нејзиниот третман во затвор.

ЛГБТИ активистката Дирен Кошкун беше затворена поради изречената затворска казна за судски случај во кој беше обвината за “членување во терористичка организација” и “пропагирање на тероризмот” на 14 август 2017 година во судницата во Дијарбакир, Турција, каде што се појавила за најобична бирократска постапка, а била притворена при случајна проверка на личната карта.

Нејзината организација, Кескесор, објави дека кога Дирен одбила да биде ставена во затвор за мажи, таа била чувана во самица во затворот во Дијарбакир. Покрај тоа, од Кескесор исто така изјавија дека Дирен била малтретирана од страна на полицијата при нејзиниот пат кон затворот, додека пак затворските чувари ја третирале љубезно и ѝ се обраќале како г-а Дирен, според нејзиното име, а не според она во нејзината лична карта. Подоцна, кога Дирен била префрлена во затворот Текирдаг, таа била сместена во ќелија која се нарекува “ковчег-соба” кај затворениците, објави нејзината пријателка Кивилцим Арат на 30 јануари 2018 година. Арат исто така додава дека поради негирање на основните барања како што се ослободување од самица, отстранување на блокот за одобрената операција и дозволување веганска исхрана во затворот, Дирен започнала со “неодреден штрајк со глад” од 25 јануари.

На 12-тиот ден од нејзиниот штрајк со глад, нејзината пријателка Кивилцим Арат, која е и гласноговорничка на ЛГБТИ+ организациите од Истанбул, објави дека таа исто така започнува штрајк со глад во поддршка и солидарност на нејзината затворена пријателка. Арат најави дека “сè додека ние толерираме како еден живот ни бега од раце, ние ќе бидеме одговорни за неговата смрт” и повика на масовна солидарност за исполнување на барањата на Дирен.