Ненад Поповиќ, министер без портфолио на Србија, задолжен за иновации и технолошки развој, повика кон „итно запирање на увозот на геј сликовници.“ Истово го објави на Фејсбук по презентацијата на хрватската детска книга за истополови родители во Белград, која се случи пред околу десет дена.
Книгата прво беше објавена во Хрватска од семејната организација „Семејства на виножитото“ (Dugine Families), која првенствено работи на обезбедување семејни права за двојки од ист пол. Додека книгата добива широки оцени дома, а и во странство – како и во други земји од поранешна Југославија, со тоа што организацијата мораше да собере дополнителни средства за печатење на нови публикации, таа, исто така, доби негативно внимание од конзервативните групи. Во една прилика дури и неколку примероци од книгата беа запалени јавно при демонстрации во Хрватска.
Во меѓувреме, презентацијата на книгата во Белград од здружението „Семејства на виножитото“ во соработка со локалната организација „Геј-тин ЛГБТ,“ го привлече вниманието на г. Поповиќ, кој повика кон „итното прекинување на увозот на геј сликовници, додека Владата се обидува на секој можен начин да поттикне зголемување на наталитетот.“
Локалната организација „Да се знае,“ која работи на спречување на дискриминација и криминал од омраза, одговори на изјавата на Поповиќ, тврдејќи дека ваквата изјава е неразумна од владата која веќе ја усвои „Стратегијата за спречување и заштита од дискриминација“ и ја презеде работата за подготвување на нацрт-закон за регистрирани партнерства.
Тие, исто така, тврдат дека: истополовите семејства немаат негативно влијание врз наталитетот на државата, посочувајќи на многу држави кои имаат вакви закони и високи стапки на наталитет, дека сите научни истражувања не покажуваат разлики во воспитувањето на децата од истополови двојки во споредба со двојки од различен пол и дека повикот за забрана на овие книги претставува сериозна повреда на слободата на изразување – истата слобода која Србија е обврзана да ја почитува, при сопствениот Устав и сите договори што ги ратификувала. Организацијата ја доведе во прашање „длабоката заложба на Владата за прашањата на човековите права и правата на малцинствата,“ како што неодамна изјави премиерката Ана Брнабиќ и дури тврдат дека таквите изјави кршат одреден број на закони, вклучително и Уставот и дека тие доведуваат до понатамошно стигматизирање, дискриминација и маргинализација на ЛГБТИ луѓето во Србија.
Организацијата „Геј-ти ЛГБТ,“ исто така, силно ја осуди изјавата на г. Поповиќ, посочувајќи кон неговата дискриминација врз истополови родители во споредба со оние од спротивниот пол. Тие, исто така, тврдат дека бројните истражувања укажуваат дека децата со истополови родители во споредба со деца кои се одгледани од родители од спротивниот пол немаат разлики во психосоцијалната зрелост и прилагодливост, сексуална ориентација или родов идентитет и изразување или изложување на домашно насилство. Тие, исто така, ја потсетија српската влада на сериозните обврски што ги презема за да ги заштити ЛГБТИ луѓето од дискриминација и укажаа на недостатокот на семејни права за ЛГБТИ лицата.
Извор: ЕРА