Со задоволство Ве покануваме да учествувате на јавната дискусија “Како до интегриран пристап до услуги на здравствена и социјална заштита за ЛГБТИ луѓе“ во четврток, 17-ти мај 2018, од 10:30 до 14:00 ч. во ЕУ Инфо центар („Св. Кирил и Методиј“ 52-б, Скопје).
Јавната дискусија има за цел да ги собере на едно место дел од клучните чинители за обезбедување на услуги на здравствена и социјална заштита за ЛГБТИ луѓето, како што се претставници од надлежните министерства, Комората на психолози на РМ, Здружението за социјални работници на РМ, претставници од медиумите, како и претставници од граѓанскиот сектор кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ луѓето. Настанот е во организација на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ од Скопје, со поддршка на Комората на психолози на РМ.
На јавната дискусија ќе бидат претставени дел од клучните предизвици со кои ЛГБТИ луѓето се соочуваат при пристапот кон услугите на здравствена и социјална заштита, идентификувани низ работата на ЛГБТИ организациите кои го фасилитираат пристапот кон овие услуги. Истовремено, ќе се направи обид да се одговори на ваквите предизвици преку предлагање на решенија кои ќе послужат при дефинирање на конкретни насоки и утврдување на приоритети за креирање и усовршување на интегриран пристап кон ваквите услуги. Пристапот при утврдување на приоритетите кој го застапуваме е интерсекциски, т.е. посветува посебно внимание на различните меѓузависни чинители кои придонесуваат кон ограничувањето на пристапот кон овие услуги од страна на ЛГБТИ луѓето, без разлика на нивната возраст, попреченост, етничка припадност, општествен и класен статус, и т.н.
Конечно, на дискусијата, традиционално ќе го одбележиме 17-ти Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, со доделување на наградата „Поддржувач на годината“ со која оддаваме посебно признание на индивидуи, организации и институции за нивниот значителен придонес во кампањата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во РМ во изминатата година.
Ние и нашите партнери ќе бидеме почестени доколку добиеме официјална потврда за Вашето учество на овој важен дел од нашата работа за унапредување на состојбата и правата на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија. Доколку имате потреба за дополнителни информации и дообјаснувања, Ве молиме да нè контактирате на податоците дадени подолу.
Прилог: Програма на јавната дискусија
*Имајте во предвид дека настанот ќе биде на македонски јазик и дека нема да има обезбедно превод*