Вечер на кралици и кралеви

„Сите ние сме родени голи и се’ друго е дрег“ – рече познатата РуПол.

Моето име за сега ќе остане мистерија но ќе оставам на луѓето кои ме знаат и следат да дознаат кој сум. Поминаа скоро три неверојатни години откако се аутирав на мојата најдобра другарка од средно. После тоа прво аутирање, почнав да удирам како бран по сите мои пријатели кои ме прифатија по тоа што сум – прекрасна природна катастрофа од човек која сепак не е дело на сатаната или траума од детство.

Пред некое време беше историска ноќ за Скопје. Покрај сите настани што се биле организирани мислам дека овој настан ќе остане во историјата како вечер кој ја мобилизираше и охрабри ЛГБТИ сцената во нашиот град. Со текот на годините сфаќам дека стануваме се’ погласни и погласни и се надевам дека нема да запреме тука.

Покрај нашите недочуени вечери во тесни простории каде се излоривме и прикривавме меѓу хетеро луѓето, оваа вечер беше добро освежување како нешто наше и како нешто од нас за нас.

Вечерта ми се промени со тоа што во последен момент како што почнуваше настанот јас дојдов до одлуката да се појавам и да видам што ќе се случи (незнаејќи за потенцијалот на балканската дрег сцена).

Моето влегување беше проследено со низа поеми кои се читаа пред публиката за убвината на транс луѓето. Бидејќи сум невидена кралица се качив на балконот да седам сам, да добијам прекрасна глетка и на крај да ја слушам еуфоријата на публиката; нивното аплаудирање и нивната гордост со идентитетот. По кратка пауза надвор и некоја пијачка-две увото ми начу рефрен од песната „Sissy That Walk“ која ме навлече како мечка на мед во огромната сала – која од кино се претвори во отворен простор. По кратко играње и пиење на сцената се појавија 3 прекрасни моми, или како би се нарекле самите „биолошки жени.“ Тоа што следеше беше незаборавно искуство и момент кој мислам дека Скопје го остави келаво без ниедна перика на располагање. Настап по настап се’ повеќе се соживував со фактот дека Скопје во моментот доживува трансформа(ција). При крај на оваа ноќ, публиката беше едвај жива – едно зошто беше препиена и второ зошто немаа видено до сега ваков настан во нашиот крај.

Она што оваа вечер ме научи е дека солидарноста кај нас постои, дека кралиците и кралевите се насекаде околу нас, дека сите ние имаме друга личност во нас (алтер его) кое има желба да застане под рефлектор и да проживее барем една ноќ во годината. Очекувам да имаме многу специјална дружба во октомври по повод причина која не е спремна за јавноста се’ уште но се надевам дека пак ќе го пробуди во вас тоа што голем дел го имавте откриено за себе сношти. Се надевам дека нашите драги сестри од Србија успеаа да пробудат нешто во нас што секогаш сме го имале, нешто од што никогаш не требало да се срамиме и нешто што гордо треба да го носиме со нас – геј, стрејт, би, транс, квир, интерпол, асексуални – сите сме прекрасни и сите треба да сме тука за себе.

На крајот на денот, хетеро заедницата што ни има давано отпор, со нас ќе оди храбро во знак на поддршка и во знак на солидарност – поскоро од што ние мислиме.

Дел од вас можеби се нови во овој аутиран свет, дел од вас можеби уште не се но имаат чуено за тоа што се случи сношти, се надевам дека ќе ви даде храброст да го автентизирате животот. Никогаш не треба да ви е страв од тоа што другите ќе мислат за вас бидејќи живеењето на вашата реалност е наубавото нешто што можете да си го подарите.

Јас сум Затана и се надевам дека ќе ви ги „одземам периките“ со тоа што ви го спремам. Сакав мојата прва колумна да биде поблиска до темата, но поради вечерта која ја имав решив ова да биде почетокот на моето пишување до сите вас, во чест на почетокот на многу нови кралици и кралеви кои синојка во Скопје доживеаа еманципација.

Благодарност до Skopje Pride Weekend, Острога Ми, Haus of K.G. и Соња Сајзор за атмосферата.