СОФИЈА, БУГАРИЈА – Повеќе од 30 истакнати невладини организации и поединци, кои работат во областа на човековите права, детските права, правата на жените и правата на ЛГБТИ, ја осудија многу очекуваната одлука од страна на бугарскиот Уставен суд во петокот (27-ми јули), која вели дека Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, е во спротивност со бугарскиот устав. Тие ја прогласија за „најлоша одлука“ на судот досега.
Со осум гласа наспроти четири, одлуката претставува сериозен удар за човековите права во Бугарија и за интегритетот на бугарското судство. Во својата одлука, Уставниот суд тврди дека терминот „род,“ употребен во Конвенцијата е погрешен и воведува концепт кој е неспојлив со разбирањето на терминот „пол“ во Уставот. Судот го потврдува ставот дека „полот“ е бинарен концепт, со две строги фиксни опции: машки или женски.
Судот не го одобрува дефинирањето на „родот“ на конвенцијата како општествено конструирани улоги, однесувања и активности, наведувајќи дека ќе ја замагли линијата меѓу двата биолошки пола. На овој начин, судот шокантно изјавува дека „ако општеството ја загуби способноста да разликува жена и маж, борбата против насилството врз жените би била само формална, но неизвршлива обврска.“ Бугарскиот устав, според судската пресуда, ги разбира општествените улоги кои како такви произлегуваат од биолошкиот пол, наведувајќи дека поимите „мајка,“ „раѓање“ и „акушерство“ се инхерентно женски улоги. Во основа ги пропагира истите родови стереотипи за кои Истанбулската конвенција треба да се справи.
Судот тврди дека Истанбулската конвенција воведува скриена „родова идеологија,“ која ги учи луѓето да го изберат својот идентитет спротивно на нивниот биолошки пол. Фразата се користи од страна на конзервативните политичари и активисти ширум Европа за да ги редефинираат реформите што ќе им користат на жените и ЛГБТИ луѓето како „наметнување“ на систем на верувања што го загрозуваат традиционалното семејство и го корумпираат општеството.
Одлуката оди до оној степен до кој негира, иако не директно, право на заштита и признавање на идентитетот на трансродовите и интерполовите луѓе. Во неа се вели дека Истанбулската конвенција ќе бара воведување на процедура за менување на правните документи на трансродовите лица, кои Конвенцијата во реалноста не ги прави.
„Одлуката на Судот ги понижи бугарските институции и Бугарија како членка на семејството на ЕУ, која се базира на почитување на човековите права. Најмногу од сè се понижени жените во Бугарија. Тоа е понижувачко за следната генерација бугарски деца, кои ќе продолжат да растат во земја каде што се толерира насилството,“ се вели во соопштението од бугарските невладини организации.
Околу сто граѓани се собраа во петокот вечер, за да побараат обврска од актуелната влада да се справи со родово базираното насилство во земјата. И покрај статистичките податоци дека секоја друга недела една жена е убиена, во повеќето случаи од страна на поранешен или моментален партнер или роднина (93%), речиси не постои општествена мобилизација за ова прашање.
Процесот на ратификација на Истанбулската конвенција од страна на земјите-членки на Советот на Европа беше проследен со внимателен преглед на неговата уставност од страна на секоја од нив. Досега, ниту еден национален судски орган во земја-членка не открил проблеми и внатрешни контрадикции кои ги утврдил Уставниот суд на Бугарија. Таа во моментов е ратификувана од 32 држави, вклучувајќи ги и сите други балкански земји.
Одлуката доаѓа откако парламентот го прашал Уставниот суд за мислење за уставноста на конвенцијата, по националното противење на јазикот на родовите улоги, што резултираше со повлекување на конвенцијата. Истанбулската конвенција беше фанатично спротивставена од екстремно десничарската група во владејачката коалиција, „Обединети патриоти,“ изненадувачки заедно со Бугарската социјалистичка партија (членка на Партијата на европските социјалисти), лидер на парламентарната опозиција.
Извор: Бугарски Хелсиншки комитет