Германскиот кабинет одобри трета ознака за пол во личните документи

 

Кабинетот на Германија ја одобри третата опција за ознака за пол во документите за лична идентификација, по одлуката на Врховниот суд. Опцијата ќе биде достапна до крајот на годината.

Канцеларијата на германската Влада во средата го одобри нацрт-законот со кој ќе се додаде трета опција за ознака за пол на официјалните лични документи на граѓаните.

Предлог-законот им овозможува на интерполовите лица за ознака на нивниот пол да одберат „различен,“ што се преведува приближно како „разновиден“ или „друг“. Овој нацрт-закон ќе стапи на сила до крајот на годината.

Предлог-законот следува по пресуда на Уставниот суд од минатата година, која откри дека сегашниот систем ги прекршил индивидуалните права на лицето и антидискриминаторските закони.

Судот одлучил за случајот во кој тужителот со еден X хромозом, но без друг полов хромозом, неуспешно се обидел да ја смени својата ознака за пол во матичната книга на родени од „женски“ во трета категорија. Жените имаат два Х хромозома, додека мажите имаат еден X и еден Y хромозом.

Судиите утврдиле дека властите мора да изберат или да ја укинат родовата идентификација или да им дозволат на луѓето во слична ситуација да изберат „уште една ознака за нивниот пол, која не е маж или жена.“

За одлуката во среда, сé уште се бара парламентарно одобрување пред влегувањето во сила. Меѓутоа, Франциска Гифи, германската министерка (од СПД) за семејства, ја поздрави одлуката како „важен чекор кон правното признавање на лица чиј родов идентитет не е ниту маж, ниту жена.“

Министерката за правда, Катарина Барли (од СПД), исто така, го поздрави нацрт-законот, велејќи дека „одамна е задоцнето конечното модернизирање на Законот за личен статут“ и дека „никој не смее да биде дискриминиран поради нивниот сексуален идентитет.“

Министерството за правда, исто така, посочи дека ќе подготви дополнителни закони со цел да се ослободи од другите дискриминаторски прописи против интерполовите лица.

Околу 80.000 до 120.000 луѓе во Германија се идентификуваат како интерполови лица. Ова значи дека тие не поседуваат родови карактеристики кои вообичаено ги опишуваат како „машки“ или „женски“ лица.

Статистички, бројот на интерполови деца варира од 1 во 1500 до 1 во 2000 раѓања годишно низ целиот свет.

 

Извор: DW