Индискиот Врховен суд го декриминализираше истополовиот секс

 

Во денешната историска одлука, Индискиот Врховен суд пресуди дека истополовите сексуални односи веќе нема да бидат кривично дело.

Со сегашната пресуда се поништува пресудата од 2013 година, која е во линија со законот од колонијалната ера, познат како член 377, според кој истополовите сексуални односи биле категоризирани како „прекршок надвор од природниот поредок“.

Судот сега пресуди дека дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација е прекршување на основните човекови права.

Иако јавното мислење во најголемите градови во Индија е во корист на укинувањето на законот, отпорот е уште силен кај верските групи и конзервативните рурални заедници.

Оваа одлука од највисокиот суд во Индија е последниот збор по ова прашање и претставува огромна победа за индиската ЛГБТ заедница.

Еден активист пред судот изјави за Би-Би-Си: „Досега не им се имам аутирано на моите родители, но денес, претпоставувам, сум го сторил тоа.“

Што рекоа судиите?

Одлуката во четвртокот беше донесена од страна на петочлен судски совет, предводен од претседателот на Индискиот Врховен суд Дипак Мисра и беше изгласана едногласно.

Читајќи ја пресудата, тој рече: „Криминализацијата на телесни односи е ирационална, непотребна и очигледно неуставна.“

Друг судија, Инду Малхотра, верува дека „историјата им должи извинување“ на ЛГБТ луѓето за прогонот.

Судијата Ди Чандрачуд рече дека државата нема право да го контролира приватниот живот на членовите на ЛГБТ заедницата и дека негирањето на правото на сексуална ориентација е исто што и негирање на правото на приватност.

Пресудата ефективно им дозволува на возрасните геј мажи и лезбејки да стапат во сексуални односи по дадена согласност и во приватност.

Што е Секција 377?

Тоа е 157-годишен закон од колонијалната ера, кој ги криминализираше истополовите сексуални односи како „неприродни дела“ кои се казнуваа со 10-годишна затворска казна.

Извор: Би-Би-Си