Со голема чест и задоволство Ви го претставуваме прирачникот за социјална работа со ЛГБТИ луѓе. Овој прирачник дава детален преглед кон потребите и проблемите со коишто се соочуваат ЛГБТИ луѓето во Република Македонија во нивното секојдневие, поточно кога тие или нивните блиски имаат потреба од социјален/социјална работник/работничка.
Сексуалните и родовите малцинства сè уште не се еднакви пред законот, а образованието и државните институции надлежни да обезбедат едукативни материјали и содржини кои не се наврeдливи и се инклузивни за сексуалните и родовите малцинства се реткост во нашето образование. ЛГБТИ луѓето како такви се невидливи во учебниците на нашето образование. Поради тоа, идентификувана е потребата социјалните работници/чки да добијат можност да научат што е можно повеќе за ЛГБТИ заедницата и како можат да ѝ пристапат, но исто така како да ги заштитат своите клиенти при нивната работа.
Една од главните цели на овој проект е можноста за проширување на знаењата на социјалните работници/чки за тоа како да бидат пристапни, коректни и достапни за ЛГБТИ заедницата кога е во прашање нивната потреба од социјална помош. Поради тоа, проектот, покрај овој прирачник, како задача има првин да ги обучи социјалните работници преку неформални методи и средина во која имаат можност да разговараат со ЛГБТИ лица, да ги постават своите прашања и да ги осознаат различностите кои постојат.
При обучувањето, утврдени се теми на работа кои се содржани во овој прирачник и ги адресираат прашањата кои социјалниот/ата работник/чка треба да ги знае при работење со ЛГБТИ луѓе.
Прирачникот може да го најдете на следниот линк.