Годишна конференција: Развивање нови практики на социјална заштита на ЛГБТИ луѓе

Развивање нови практики на социјална заштита на ЛГБТИ луѓе

Совет на Град Скопје, 14-ти декември 2018 година

 

Оваа година како клучна област ни беше работата со социјалните работници во Република Македонија, нивното обучување за работа со ЛГБТИ лица, како и нивното вклучување во спроведувањето нови практики при работа со ЛГБТИ лица во Република Македонија.

Конференцијата ја отворивме со воведни зборови од Антонио Михајлов (Субверзивен фронт) кој нè воведе во проблематиката со којашто се соочуваат ЛГБТИ лицата во Република Македонија – односно според истражувања и наоди од страна на меѓународните организации за Република Македонија во однос на нејзино одговарање на ЛГБТИ прашањата. Според Rainbow Europe (индекс и мапа која ги рангира европските земји по степенот на усвоени и спроведени закони, прописи и политики за ЛГБТИ еднаквост), Република Македонија се пронајде меѓу најлошите пет држави во Европа во врска со ЛГБТИ правата. Ситуацијата во Република Македонија е таква што кривичните дела и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на една единка не се правно признаени и истите се под ризик на континуирано и нормализирано насилство.

Со доведувањето во сила на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, потребно е и обучување и сензибилизирање на стручните служби за заемно почитување на овој нов закон, за негова непопречена имплементација. Поради тоа што законите во Република Македонија не се инклузивни и не ги заштитуваат ЛГБТИ лицата адекватно, тие особено под поголем ризик ги ставаат транс лицата поради нивната неможност да направат комплетна промена на личните документи. Имено, транс лицата во Република Македонија можат да направат промена на името и презимето, но матичниот број и ознаката за пол остануваат исти – предизвикувајќи им страв, непријатност и чувство на небезбедност при интеракција во државни установи или државни службеници каде се приложува документ за лична идентификација. Со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) отвораме нови полиња за работа во 2019 каде ќе може да се работи на обучување на повеќе државни установи за потребите на ЛГБТИ и особено транс заедницата во Република Македонија.

Во продолжение, Република Македонија, и Босна и Херцеговина остануваат како двете земји на Балканот кои немаат одржано парада на гордост. Покрај Викендот на гордоста во Скопје и мали настани за ЛГБТИ заедницата кои се случуваат во затворени простори, јавен настан од типот на парада за покажување гордост на сопствениот идентитет и потребата од еднакви права и можности останува план и надеж за случување во 2019 година.

Според истражување на Светската банка во 2018 година (World Bank. 2018. Life on the Margins : Survey Results of the Experiences of LGBTI People in Southeastern Europe) следното беше согледано од 282 испитаника: 12% од нив биле отворени кон еден од родителите за сексуалната ориентација/родов идентитет; 13% кон двата; остатокот од нив биле генерално отворени само кон пријателите или кон никој.. Клучното нешто што е согледано од ова истражување е дека 94% од испитаниците сметале дека се дискриминирани под некој основ, додека под сите основи 80% од нив. 67% од нив немаат кажано на работното место дека се ЛГБТИ лице.

За 2017 исто така беше согледано дека надлежните институции и органи не преземаат адекватни мерки и решенија за спречување на говорот на омраза на интернетот или пак криминалите од омраза кои се имаат случено годинава, а и претходно. Со ратификувањето на Истанбулската конвенција се отворени нови можности за заштита на транс лицата од домашно насилство во иднината од страна на соодветните институции.

Оваа година, исто така беше одржана годишната конференција на ЕРА во Скопје. Како за прв пат, Република Македонија успеа да биде домаќин на меѓународна конференција за унапредувањето на ЛГБТИ правата во западниот Балкан и Турција. Помеѓу другото, конференција помина без инциденти и Скопје како град домаќин се покажа во добро светло. За жал, пред конференцијата на ЕРА, ЛГБТ јунајтед Тетово беше мета на напади на интернет за организацијата на Квир ифтар – настан за ЛГБТИ заедницата за време на муслиманскиот празник Рамазан бајрам.

Господинот Томшиќ (Министерство за труд и социјална политика) ни даде добар вовед во промените на новиот Закон за социјална заштита кој вклучува заштита на ЛГБТИ луѓето во Македонија кои се под некој социјален ризик, и со себе носи многу новини кои на граѓанскиот сектор ќе му го олеснат работењето со системот на социјална заштита. Акредитација на програми и даватели на услуги ќе биде една од новините што ќе дојдат со измените во Законот за социјална заштита; истите ќе му овозможат на граѓанскиот сектор да биде овластен давател на социјални услуги, но и да аплицира за акредитација на програми како што е на пример нашата обука за центрите за социјална работа. Со акредитирањето на програмата би имале официјален влез во државните институции и олеснет пристап при идните обучувања.

Тоа што нашите обучувачки Елена Чикос и Јасмина Дуриќ го имале забележано е дека обучените лица сфатиле преку обуките кои специфики ги имаат како потреба ЛГБТИ луѓето за да може еднакво и рамноправно да функционираат. Митовите и заблудите (кои се опфатени и во прирачникот) беа нешто што беше посакувано учесниците при нашите обуки да го изјаснат за да се даде можност за отворање дискусија на овие теми и разбивање на митовите и заблудите кои ги имаат кон ЛГБТИ заедницата. Друго што беше забележано од страната на социјалните работници е дека ризиците на исклученост и отфрленост се често непознати – и тоа е круг кој преку обучување сакаме да го прекинеме. Поради доброволното вклучување на центрите за социјална работа и нивните интереси за учество во досегашните обуки веруваме дека тоа и ќе се случи.

Во 2019 сакаме да го дистрибуираме Прирачникот за социјална работа со ЛГБТИ луѓе во Република Македонија со нашите идни учесници, но и со засегнатите страни кои имаат интерес во нашата работа и цел. Вториот модул од обуката, за транс и интерполовите луѓе, кој ќе започне во средината на 2019 година ќе даде можност за надградување на знаењата на веќе обучените лица. 2019 година ќе биде полна со нови можности за соработка со државните институции како и засегнатите страни во спроведувањето на нашата мисија.