Годишен преглед од ИЛГА-Европа

Според наодите на ИЛГА-Европа за 2019 година, Северна Македонија сè уште се соочува со проблеми од 2018 година, како што се, случаите со постапката на барање азил поради прогон врз основа на сексуална ориентација, говорот на омраза и кривичните дела од омраза, како и детектираните прекршувања на темелните права на ЛГБТИ луѓето.

Случајот со барање азил на ЛГБТИ лице во Северна Македонија сè уште не е конечно решен и чека одговор, иако времето за известување за истиот е надминат.

ИЛГА-Европа регистрираше дека во 2018 биле направени 19 пријави од говор на омраза во медиумите и социјалните медиуми, и 26 случаи во јавен простор. Државните органи задолжени за ова немаа пронајдено говор на омраза во ниту еден од случаите. Кампањата „Не суди кој кого љуби“ на социјалните мрежи се здоби со огромен бран на говор на омраза во ноември 2018 г.

Случаите со насилство и вознемирување не се решени почнувајќи уште од пред шест години (од првиот напад врз ЛГБТИ Центарот за поддршка). НВО секторот има документирано 43 случаи на говор на омраза во 2018 (до ноември). Според истражувањето на Коалиција Маргини, сите транс лица кои земале учество во истото истакнале дека биле жртви на насилство.

Млади ЛГБТИ лица кои сè уште се во средно образование се соочуваат со насилство и врсничко насилство кое не е соодветно адресирано.

Кога се во прашање законите, ИЛГА-Европа изјавува дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација не е усвоен иако е во собраниска процедура од јули 2018 година. Во февруари 2018 година пак, беше формирана интер-партиска група за ЛГБТИ права во Собранието на РСМ.

Два настани поминаа без никакви инциденти – Конференцијата на ЕРА во октомври 2018 год., како и Викендот на гордоста во Скопје во јуни 2018 год. Сепак, нотиран е хомофобичниот напад за време на Пич прич и одложување на Квир ифтар во Тетово поради закани и говор на омраза.

Во здравствениот систем, неколку случаи беа регистрирани за дискриминација врз геј мажи и лица кои живеат со ХИВ.

Според Светската банка, Северна Македонија е идентификувана како една од државите во регионот кои најмалку ги прифаќаат ЛГБТИ луѓето .

Детално може да прочитате за Северна Македонија и другите земји на следниот линк.