Годишен извештај за 2018

Осврнувајќи се на изминатата година, посебно на сите предизвици и научени лекции од внатрешното и надворешното опкружување, можам гордо да констатирам дека влеговме во фазата на адолесценција од животниот циклус на Субверзивен фронт. Имајќи предвид дека бевме основани во 2013 година од неколкумина индивидуи со јасна и цврста идеја да придонесеме кон активизмот за правата и еднаквоста на ЛГБТИ луѓето, а денеска може да се гордееме од воспоставената функционална мрежа на конституенти: граѓански организации, државни институции, членови на ЛГБТИ заедницата, медиуми, партнери и соработници, ми претставува посебна чест и задоволство да ги споделам клучните остварувања на Субверзивен фронт за 2018 година.

  • Успеавме да изградиме солидни капацитети за спроведување на сеопфатни истражувања поврзани со проблемите и потребите на сексуалните и родовите малцинства во домашни и регионални рамки, посебно во делот на усвојување стандарди за спроведување на истражувања кои адресираат сензитивни теми на ранливи општествени групи;
  • Ги зајакнавме сопствените капацитети за поддршка на активности иницирани и водени од заедницата на сексуални и родови малцинства кои водат кон омоќување на истите и зголемување на нивното вклучување во движењето за еднакви ЛГБТИ права;
  • Го зголемивме влијанието врз креирањето и усвојувањето на јавните политики кои ги засегаат сексуалните и родовите малцинства преку учество во работните групи за изработка на Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за родово-базирано насилство, како и со вклучувањето и активното учество во Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област;
  • Имаме подобрени мисија, визија и цели на организацијата и воспоставена организациска структура која соодветствува на потребите и одговара на барањата од надворешното и внатрешното опкружување;
  • Зајакнат дијалог со партнерите од останатите граѓански организации кои се занимаваат со сексуалните и родовите малцинства, како и со донаторите и поддржувачите на нашите организациски цели, мисија и визија.

Горенаведените резултати успеваме да ги оствариме применувајќи критички пристап и оценка на нашите идеи и активности, како и на идеите и активностите на нашите соработници, партнери и соговорници од граѓанскиот, државниот, јавниот и меѓународниот сектор. Оттука, би сакал да им изразам голема благодарност на сите за нивната континуирана поддршка низ изминатите години, а посебна благодарност и почит им укажувам на тимот посветени луѓе од Извршната канцеларија и Управниот одбор на Субверзивен фронт за несебично вложените труд и ентузијазам, како и за нивните идеи и енергија кои инспирираат и охрабруваат.

Антонио Михајлов
Претседател на Управен одбор
Скопје, 15 март 2019

Извештајот може да го погледнете на следниот линк.