Свечено доделена наградата „Поддржувач на годината“ на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата

Скопје, 17 мај 2019

Во рамките на одбележувањето на 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, Субверзивен фронт во рамките на спроведувањето на програмата на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, ја додели наградата „Поддржувач на годината“ на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата (ИППГ ЛГБТИ). На свечената церемонија на доделувањето на наградата во Собранието на РСМ организирана од самата ИППГ ЛГБТИ, говор одржаа координаторката на групата, пратеничката од редот на ДОМ (Зелените) – Маја Морачанин, како и членката на ИППГ ЛГБТИ – пратеничката од СДСМ – Јагода Шахпаска.

Пратеничката Морачанин ја потенцираше важната улога на ИППГ ЛГБТИ во лобирањето и издејствувањето да се воведат и усвојат измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои го препознаваат говорот на омраза во медиумите заснован на сексуална ориентација и родовиот идентитет, како и во напорите конечно после неколкумесечна процедура во Собранието, да биде усвоен Законот за спречување и заштита од дискриминација. Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација експлицитно ги препознава дискриминаторските основи на сексуална ориентација и родов идентитет, со што ЛГБТ луѓето се правно препознаени во овој закон. Исто така, пратеничката Морачанин го истакна учеството на членовите и членките на ИППГ ЛГБТИ во кампањата „Не суди кој кого љуби“ како и на студиската посета во Холандија, обете организирани од страна на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражувања. Пратеничката Шахпаска апелираше до медиумите да помогнат во кампањата за еднаквост на ЛГБТИ луѓето во државата преку осуда на говорот на омраза врз нив.

На церемонијата на доделувањето одржана во салата „Борис Трајковски“ во Собранието на РСМ, збор зедоа и Јована Јовановска Кануркова – генерална секретарка на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, како и Антонио Михајлов – извршен директор на здружението за сексуални и родови малцинства Субверзивен фронт. Јована даде краток осврт на создавањето и работата на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), како и на одлуката годинава наградата да оди од името на НМХТ. Исто така, Антонио потенцираше дека доделувањето на наградата е во поддршка на колективните и индивидуалните напори на градење заедница на ЛГБТИ луѓе, поддржувачи и пријатели, како и во промоцијата на позитивни практики во унапредувањето на положбата и правата на ЛГБТИ луѓето.

Наградата „Поддржувач на годината“ секоја година традиционално на овој значаен ден од историјата на ЛГБТИ движењето се доделува на институции, организации или индивидуи за нивниот континуиран значителен придонес во кампањата за еднакви права на ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија. Претходни добитници на наградата се новинарот Огнен Јанески, политичарот Ивон Величковски и Министерството за труд и социјална политика.