Законот за спречување и заштита од дискриминација е конечно усвоен и стапен во сила

Со потпишувањето на указот за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на новоизбраниот Претседател на Република Северна Македонија – Стево Пендаровски и објавата во Службен Весник на РСМ, бр. 101 од 22 мај 2019 год., конечно е стапен во сила долгоочекуваниот Закон за спречување и заштита од дискриминација. По речиси едногодишна процедура на комисиски расправи и пленарни седници во Собранието на РСМ, негово повлекување од редовна постапка и предлагање по скратена постапка, кои што следат по речиси тригодишна макотрпна работа на работната група за изработка на Законот за спречување и заштита од дискриминација, ЛГБТИ активистите_ките, како и активистите_ките и организациите кои се залагаат за еднаков третман и недискриминација на сите, може да се пофалат дека имаат современ закон кој што промовира еднаков третман и недискриминација, и заштитува, спречува и превенира дискриминација.

Од предлагачот на овој закон – Министерството за труд и социјална политика изјавија дека „Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex generalis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот Закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани.“

Потоа, МТСП во реакцијата наведува дека: „Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за човекови права.“

Во реакцијата од Мрежата за заштита од дискриминација се вели дека: „Со новиот закон и со проширувањето на основите на дискриминација, од една страна, се нуди подобра заштита на основните човекови права за сите граѓани, особено за оние кои се наоѓаат на маргините на општеството, а од друга страна, се покажа политичка волја за исполнување на обврските на државата пред меѓународните тела за човекови права, кои веќе дадоа позитивно мислење и препораки за донесување на овој закон. Овој закон нуди услови за избор на независна и професионална Комисија за заштита од дискриминација бидејќи членовите на Комисијата, покрај искуство со работа во областа на човековите права, треба да имаат искуство и со работа во областа на нееднаквост и недискриминација, како и да не се носители на функции во политички партии. Поради ова сметаме дека што побрзо треба да се пристапи кон формирање на нова независна, ефикасна и професионална комисија, која ќе ја препознава дискриминацијата за сите граѓани подеднакво.“

Извршниот директор на Субверзивен фронт, Антонио Михајлов, кој воедно учествуваше во работата на работната група за изработка на овој закон, а и членува во Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област, по повод усвојувањето и стапувањето на сила на овој закон изјави: „Изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација на 16 мај – еден ден пред Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, го сметам за симболичен гест на благодарност и оддавање признание на несебичните напори на активистите_ките за ЛГБТИ еднаквост во државата со цел ова општество да биде поотворено, поинклузивно, поправедно и порамноправно за сите, без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет. Со овој чин се заокружува еден циклус на интензивна работа на сите вклучени во изработката на едно модерно законско решение со кое може да се гордееме. Претстојат огромни предизвици во спроведувањето на истиот, но и во делот на промената на дискриминаторските ставови, практики и однесувања кај сите нас, како граѓани и граѓанки на ова општество. Со промената и во законската рамка, но и во културните практики, однесувања, вредности и норми, може да очекуваме дека придонесуваме кон создавање на поповолна клима и опкружување за сите кои се идентификуваат како дел од заедницата на сексуални и родови малцинства во нашата држава.“