Скопје, 24 јули 2019
Од 19-ти до 23-ти јуни се одржа Парада на гордоста во Осло, на која, Субверзивниот фронт имаше свој претставник кој беше единствениот од Северна Македонија. Претставници имаа невладини организации од Чешка, Србија, Грција, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Полска, Словачка, Косово, Албанија, Турција и Бугарија. Дел од состаноците закажани според агендата беа организирани во канцелариите на Амнести интернешнал – Норвешка, како организација која ја поддржа целата програма.
На 20 јуни, како дел од програмата креирана од нашите колеги од Норвешка, Давид Тасевски од Субверзниот фронт беше на прием кај градоначалничката на Осло, Marianne Borgen, во Oslo City Hall, каде градскиот совет и владата на Осло, како и општинската администрацијата, имаат свои канцеларии. Зградата е исто така една од најпрестижните места за приеми, церемонии и други важни настани во главниот град. Marianne Borgen одржа инспиративен говор во кој се осврна историјата на градот Осло и Кралството Норвешка, во која голем дел од говорот беше посветен на начинот на кој е изградено еднакво општество за сите, во кое само на тој начин, сите заедно, успеале да напредуваат понатаму. И покрај успехот на норвешкото општество во квалитетот на животот и вклучувањето на различностите, таа зборуваше за следните чекори во кои тие би биле уште подобри.
На 21 јуни во норвешкото Министерство за надворешни работи се одржа средба, а колегата Давид Тасевски зборуваше за состојбата со човековите права и дискриминацијата во Северна Македонија. Тој зборуваше за проблемот со кој се соочува македонското општество, постоењето на законите на хартија, но нивна слаба имплементација. Тој ја истакна дискриминацијата со која се соочуваат ЛГБТ луѓето во сите полиња, но како најстрашна ја нагласи онаа која се случува во училиштата, наставните програми, универзитетската литература, како и во здравствените институции. Споменувајќи ја ниската свест за менталното здравје, се осврна и на донаторите, кои во Северна Македонија не даваат приоритет на ова прашање.
Петдневната програма вклучуваше средба со претставник од канцеларијата на Народниот правобранител кој ја презентираше нивната работа, како и полициски службеник од Специјалниот оддел за злосторства од омраза. Имаше и претставници од организација која работи според програма која врши сензибилизација и обука на здравствените работници, но и програма која е наменета за наставен кадар од училиштата во Норвешка.
Оваа година парадата се одржа на 22-ри јуни. Парадата во Осло е еден од најважните настани во градот и една од највидливите во текот на годината. Парадата е солидарност со сите оние кои не можат да излезат, политички белег на различностите кои ги претставува Осло, како и една голема прослава. Се состои од волонтерски допринос со музика, костими, посветеност и љубов. На парадата, секој треба да се чувствува добредојден, сигурен и дел од семејството кое се поддржува еден со друг. Околу 300 волонтери беа во текот на денот и ноќта за време на десетте денови на фестивалот. 50.000 ја посетија најголемата парада на Осло, а 275.000 луѓе беа дел низ улиците на Осло.
Посетата на Осло останува потсетник за успешно и функционално општество во кое се слави различноста, наместо да се задушува. Ова е токму причината за норвешкиот успех, во кој сите членови се чувствуваат еднакви и сите заедно инвестираат во подобрување на своето општество и градење клима во која луѓето ќе се чувствуваат задоволни од сопствениот живот.