На 18-ти и 19-ти јули, Субверзивен фронт ја имаше честа да организира дводневна обука водена од John Pachankis, PhD – Associate Professor of Public Health (Social and Behavioral Sciences) – Yale School of Public Health. Петнаесет професионалци од областа на менталното здравје имаа шанса да бидат дел од Esteem обуката, којашто е пристап базиран на докази за подобрување на менталното здравје и намалување на стигмата.
Esteem истражувачката група во Њујорк, водена од професорот John Pachankis создава ЛГБТК-афирмирачки програми за психотерапија за подобрување на менталното здравје, однесувањето и сексуалното здравје на ЛГБТК поединците. На пример, интервенцијата ESTEEM ги преиначува когнитивните, бихејвиоралните и емоционалните искуства на геј и бисексуалните мажи во себеафирмирачки. Првично тестиран во мало контролирано испитување со листа на чекање, овој третман сега се тестира во повеќе места во Њујорк и Мајами, финансиран од Националниот институт за ментално здравје (НИМХ). Резултатите не само што ќе утврдат дали овој третман функционира долгорочно, туку и, како и зошто функционира, дозволувајќи им на здравствените работници да инкорпорираат истражувачки докази во нивните практики.
На John Pachankis, како клинички психолог, крајната цел му е преведување на резултатите од студиите во психосоцијални интервенции, во насока кон подобрување на здравјето на ЛГБТК заедницата.
Групата во Скопје која учествуваше на обуката, беше составена од професионалци кои работат во приватни институти за психотерапија и едукација, образование, здравство, социјална заштита, како и претставници од невладиниот сектор. Пријавите за учество кои пристигнаа, беа селектирани според искуството во работа со ЛГБТИ лица, како и фокусирање на разноликост на групата со преставници од различни области и институции.
По завршување на обуката, на учесниците им беа поделени прашалници кои беа анонимно пополнети, а го мереа задоволството од обуката, како и знаењата и вештините при работа со ЛГБТИ лица.
Сите учесници на обуката одговориле потврдно на тврдењата за корисноста од обуката, како и стекнување на нови практики за работа, но и корисност од унапредување и акредитација на Esteem програмата. Оцената од задоволството од обуката изнесува 4,7 (највисока оценка е 5).