Уапсени осомничените за нападот врз транс маж во Колашин, Црна Гора

Лицата С.К. (33), Р.В. (30) и Б.В. (30) од Колашин, Црна Гора, се уапсени по нападот врз транс маж во истиот град минатата седмица. Според сознанијата на Vijesti, нападот се случил во среда, 28 август, околу 23 ч. кога тројца напаѓачи затропале на вратата на семејната куќа на транс мажот, и насилно го извлекле надвор, навредувајќи го, понижувајќи го и претепувајќи го, додека тој не изгубил свест.

Нападот веднаш бил пријавен во Одделот за безбедност во Управата на полицијата во Колашин, каде што на жртвата веднаш му била обезбедена медицинска и секаков друг вид на потребна помош и поддршка.

Jovan Ulićević (Photo: Savo Prelević)

Јован Уличевиќ од здружението за промоција и заштита на човековите права на трансродовите, родово-варијантните и интерполовите луѓе „Спектра“ од Црна Гора, изјави дека овој напад е уште еден од многуте напади врз транс луѓето во Црна Гора, кои се изложени на секојдневно насилство во рамките на семејството, пристапот до вработување, пристапот до домување, образовниот систем, здравствената заштита и т.н. Тој потсетува дека транс луѓето во Црна Гора сè уште не можат да ги променат ознаките за пол без да бидат принудени на стерилизација, што претставува сериозна повреда на нивните човекови права и достоинство и доказ за системското и институционално насилство врз овие граѓани и граѓанки на Црна Гора.

Субверзивен фронт се приклучува на осудата на овој напад и на повикот правдата да биде задоволена. Исто така, потсетуваме на ургентноста од спроведувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права со што ќе се овозможи промена на ознаката на пол, како и на неопходноста од регулирање на правното признавање на родот во македонското законодавство.

Извор: Vijesti