Права на парична помош од социјална заштита

Гарантирана минимална помош

Право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.

За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантирана минимална помош, согласно законот за социјална заштита.

Центарот за социјална работа го определува носителот на правото на гарантирана минимална помош. Носителот на правото е должен да ја пријави бројната состојба на домаќинството, материјалната и имотната состојба за себе и сите членови во домаќинството, при поднесување на барањето и да извести за промените во текот на користењето на правото, а кои влијаат на остварување и користење на правото, во рок од 15 дена сметано од настанување на промената, со надлежниот центар.

Право на гарантирана минимална помош, не може да оствари домаќинство во кое член:

  • Може сам да се издржува,
  • Може да остварува приход со продажба или со давање под закуп на имот во нивна сопственост, кој членовите на домаќинството не го користат,
  • Има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор,
  • Може да обезбеди издржување по друга основа,
  • Е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување, до истекот на периодот до кога стекнува право повторно да се пријави, согласно со прописите за вработување и осигурување во случај на невработеност и/или
  • На кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос, во последните 12 месеци пред поднесување на барањето за остварување на право на гарантирана минимална помош.

Право на гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство кое не е изложено на социјален ризик, констатирано врз основа на непосреден увид и стручната документација од овластениот работник од центарот за социјална работа.

 

Надоместок заради попреченост

Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е:

  • Со тешка или длабока интелектуална попреченост,
  • Со најтешка телесна попреченост,
  • Потполно слепо лице и
  • потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Надоместок заради попреченост не може да оствари лице кое што го користи правото на цивилна или воена инвалиднина.

Надоместок заради попреченост не може да користи лице ако со решени на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон- семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.

Висината на месечниот надоместок заради попреченост изнесува:

  • 7.204 денари за лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепо лице и
  • 4.117 денари за потполно глуво лице.

Правото на надоместок заради попреченост се остварува врз основа на конзилијарно мислење од првостепена комисија составена од тројца лекари, специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа.

Во постапката по жалба против наодот и мислењето на првостепената комисија за остварување на надоместок за попреченост, наод и мислење дава второстепена комисија од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа, кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен

Начинот на остварување на правото на надоместок заради попреченост, потребната документација, составот на првостепената и на второстепената комисија, формата и содржината на конзилијарното мислење, како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење, го пропишува министерот во согласност со министерот за здравство.

Лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост остваруваат право на надоместок заради попреченост врз основа на траен наод, оцена и мислење за видот и степенот на попреченост издаден од стручен орган, во постапка согласно со општиот акт начинот на утврдување на видот и степенот на попреченост ги пропишува министерот, во согласност со министерот за образование и наука и министерот за здравство и решение на Центарот за социјална работа.

Корисникот на надоместокот заради попреченост може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот и во заедницата.

 

Надоместок за помош и нега од друго лице 

Право на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на надоместокот за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот за потребата за помош и нега од друго лице.

При утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице се зема предвид и Бартеловиот индекс, кој е составен дел на мислењето издадено од матичниот лекар на подносителот на барањето.

Висината на месечниот надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 4.475 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Висината на месечниот надоместок за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.959 денари, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Корисникот на правото на надоместокот за помош и нега од друго лице, може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот.

Лице кое со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон- семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка, здравствена или друга установа не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице за периодот додека трае сместувањето.

 

Надоместок на плата за скратено работно време

Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на детето со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работни односи, родителот го остварува во Центарот за социјална заштита, без оглед на возраста на детето.

Висината на надоместокот на плата, изнесува 50% од просечната нето плата на родителот за претходната година, но најмногу до 50% од просечната нето плата во Република Северна Македонија за претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.

Придонесите за задолжително социјално осигурување за висината на надоместокот, се пресметуваат согласно Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување.

 

Додаток за домување 

Правото на додаток за домување се обезбедува на материјално и станбено необезбедени лица.

Материјално необезбедено лице е:

  • Корисник на гарантирана минимална помош и
  • Лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно и по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст.

Начинот на остварување на правото на додаток за домување, ги определува советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје.

Образецот за барањето, потребната документација и начинот на остварување на правото на додаток за домување, ги пропишува министерот.

 

Траен надоместок 

Право на траен надоместок има згрижувач кој згрижувал дете во своето семејство и родител кој се грижел за детето со попреченост.

Право на траен надоместок за згрижувач има згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство најмалку 15 години, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж, кој е невработен и не користи право на пензија по било која основа.

Правото не може да се оствари доколку центарот за социјална работа еднострано го раскинал договорот за сместување на лице во згрижувачко семејство.

Висината на трајниот надоместок за згрижувачот изнесува 8.000 денари месечно, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година.

Право на траен надоместок има родител кој има дете со попреченост.

Право на траен надоместок го остварува родител кој се грижел за де тето до неговата 26 годишна возраст, без истото да користи услуга на вон- семејна социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена односно 64 години на живот за маж.

Право не може да се оствари доколку на родителот му било одземено родителското право над детето.

Висината на трајниот надоместок изнесува 8.000 денари месечно, усогласена со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

 

Еднократна парична помош

Еднократна парична помош  или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството.

Под помош во натура, во смисла на Законот за социјална заштита, се подразбира обезбедување на облека, исхрана и други средства за кои центарот за социјална работа ќе утврди дека се неопходни за минимална егзистенција на граѓанинот и семејството.

По исклучок во несреќни случаи, акутна болест која бара болничко лекување и слично, може да го користат и државјани на Република Северна Македонија кои немаат постојано живеалиште, како и странци со привремен престој и регулиран влез во Република Северна Македонија, согласно со закон.

Износот на еднократната парична помош може да изнесува до 30.000 денари и тоа:

  • За задоволување на потребите на лице или семејство кое се нашло во положба на социјален ризик, а која може да остави трајни последици, заради претрпена природна непогода (земјотрес, поплава, пожар) епидемија и смрт на член на семејството,
  • Лице кое има потреба од оперативен зафат или подолго лекување во здравствена установа во странство и
  • Станбено необезбедено лице корисник на гарантирана минимална помош и тоа лице неспособно за работа, како помош во обезбедување на нужно сместување.

Еднократната парична помош се остварува во центарот за социјална работа.

 

Лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, односно по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст, има право на интервентна еднократна парична помош во висина до 180.000 денари, заради вклучување во социјалната средина.

 

Во барањето за остварување на еднократна парична помош, подносителот наведува за која цел му е потребна помошта и во рок од 15 дена од кога средствата се искористени, а најдоцна до 3 месеци од добивање на помошта, до центарот за социјална работа доставува доказ дека средствата се искористени за целта наведена во барањето, освен за еднократна парична помош во висина од 4.500 денари.

 

Здравствена заштита

Право на здравствена заштита има:

  • Корисник на гарантирана минимална помош, кое е лице неспособно за работа,
  • Корисник на надоместок заради попреченост,
  • Корисник на надоместок за помош и нега од друго лице,
  • Лице со статус на признаен бегалец и лице под супсидијарна заштита,
  • Корисници на вон- семејна заштита,
  • Лице- жртва на семејно насилство за кое се презема мерка на заштита согласно со прописите од областа за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и
  • Лице жртва на трговија со луѓе

Корисниците остваруваат право на здравствена заштита, само доколку не можат да се стекнат со осигурување по друг основ.